11-те најдобри дипломирани инженери добија „Инженерски прстен“ на свечена церемонија во Музеј на современа уметност. Признанието го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Македонија.
Тамара Георгиевска, во име на добитниците на Инженерски прстен, порача:
„Успехот нè учи како да успееме, како да просперираме и признанието „Инженерски прстен“ е токму еден еден таков учител. Една од многуте светли точки што се на крајот од академскиот тунел….. Да се биде инженер не значи само проектирање на решението за проблемот, имено значи и да ги следиме нашите срца и интуиција, што неретко значи и потешкиот пат, хаотичност, несреденост и бројни предизвици, лекции што ни беа секојдневие уште во студиските денови. Но тоа е она што е адреналинската двигателна сила на еден инженер – предизвиците и неизвесност. Само треба да бидеме доволно храбри во таа културна борба за да градиме иднина заедно“.
Професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, објасни дека најдобрите биле избрани по строги критериуми.
„Изборот на вашите факултети зборува за квалитетот на дипломата со која што се стекнавте и длабоко сум убедена, дека многу брзо, ќе можете да ја валоризирате со започнување на успешна кариера. Да се биде штотуку дипломиран млад инженер значи дека сте поминале неколку години во факултетско образование, насочено кон изучување на најновите технологии, владеење на фундаменталните законитости во природата, изучувањето на проектниот менаџмент и работа во тим. Сите овие знаења ве прават сигурни и подготвени за нови предизвици, да продолжите со образованието или да започнете професионална кариера“, порача Спасевска.
Ова е 16-ти пат како се доделува ова признание со кое досега се наградени 161 дипломиран инженер.