Како да препознаеме вино според неговите карактеристики?

- Advertisement -

Во светот на виното употребата на терминот арома се случува да ги збуни луѓето. Многумина аромата ја доживуваат како вештачки додаток на виното, нешто како кога во торта се додава арома на рум.

Неопходно е да ја разбиеме оваа заблуда. Аромата на виното всушност значи мирис на виното и кога на етикетата ќе прочитаме дека виното има арома на малини, тоа не значи дека во него има додадено некаков концентрат од малини, туку тоа е мирис кој може да се пронајде со помирисување на виното и потекнува од самата сорта грозје од која е произведено виното.

- Advertisement -

Во откривањето на аромите на виното  клучна улога има сетилото за мирис. Додека со јазикот можеме да препознаеме солено, слатко, горчливо и кисело, со помирисување откриваме многу различни мириси кои го определуваат и вкусот што ќе го почувствуваме. Дека тоа е така, докажува и фактот што кога сме настинати и имаме затнат нос, не можеме да го почувствуваме вкусот на храната.

Аромата и вкусот на виното може да бидат овошни, цветни, цитрусни, растителни и сл. Тие се развиваат од самото грозје од кое се прави виното, а дел од аромите и вкусовите се развиваат за време на процесот на производство и зреење на виното.

- Advertisement -

Вината претежно имаат овошни ароми и вкусови. Но, типот на овошјето што може да се почувствува во виното зависи од сортата на грозјето. На пример, типично за вината направени од каберне совињон е да имаат арома на боровница. Вранецот е карактеристичен по аромата на зрели капини. Шардоне произведено во област со постудена клима се карактеризира со арома на зелено јаболко и лимон, додека истата сорта кога се одгледува во потопол регион, во виното развива арома на праска и тропско овошје (ананас). Темјаниката пак има претежно цветни ароми, цвет од бозел следен од арома на зелено грозје, но и арома на мандарина кај вината со сладок стил.

Се прашувате од каде пак овие овошни ароми. Грозјето е овошје и како и сите други овошја содржи супстанци што на конкретниот тип му дава карактеристичен вкус и мирис. Во одредени овошја супстанците се позастапени, па лесно го препознаваме мирисот и вкусот на јагодите, аромата на праска, круша и сл. Кај грозјето овие супстанци доаѓаат до израз во самото вино и умешноста е да се зачуваат аромите и пренесат од грозјето во виното.

- Advertisement -

Понатаму, во текот на производствениот процес се развиваат дополнителни ароми и вкусови. Доколку виното ферментира и/или зрее во дабови буриња, во виното ќе се почувствуваат ароми на ванила, чоколадо, кокос, кедар, каранфилче. Тие произлегуваат од типот на дрвото од кое е изработено бурето, најчесто од разни видови на даб. Карактеристично за американскиот даб е да има арома на ванила, додека францускиот даб дава арома на темно чоколадо и зачински ноти (кокос, мускатно оревче). Ако виното подлежи на малолактичка ферментација (процес во кој јаболчната киселина преминува во млечна) во виното ќе присуствуваат арома и вкус на путер, како и кремаста сензација во устата.

Со одлежување пак на виното се јавуваат други ароми, како аромата на какао, кафе, карамела, печурки, зачини итн.

Секоја сорта има свои карактеристични ароми. Доколку ги научите карактеристичните мириси и вкусови на одредена сорта, со дегустација на виното ќе можете да ги препознаете и да погодите од која сорта е направено виното. Сето ова можете да го осознаете на обуките за вино на „Wine Educator“ кои се одржуваат според строгите стандарди на престижната Лондонска школа за вино и жестоки пијалаци. Ако сте заинтересирани да дознаете повеќе за виното, вклучувајќи и како да дегустирате вино и да ги препознавате аромите и вкусовите, информациите за обуките можете да ги најдете на www.wineeducator.eu.

Сподели!
- Advertisement -