Од први септември започнува аплицирањето на жителите на Општина Кисела Вода кои се заинтересирани да бидат дел од проектот на општината и Здружението за хумано домување Хабитат Македонија за субвенции и поддршка на енергетски ефикасни домови за станбени згради за колективно домување.
Критериумите кои треба да ги исполнат потенцијалните корисници за субвенционирање се објавени на веб страницата на општината www.kiselavoda.gov.mk. Аплицирањето ќе биде отворено на 1 септември и ќе трае до 30 септември 2019 година.
Право на учество на јавниот повик имаат сите Заедници на сопственици или Управители на станбени згради за колективно домување во Општина Кисела Вода кои се евидентирани во регистарот на станбени згради во општина Кисела Вода и немаат долгови, како Заедници на сопственици или Управители, како и други долгови и финансиски обврски. Зградата треба да е изградена пред 2010 година и минимум 80 проценти од сопствениците на станови да ги прифатат условите на субвенционирање, кредитирање и предметот на енергетска обнова.
Инвестициите се однесуваат на замена на фасадата, односно, термоизолација на надворешни ѕидови со термоизолационен материјал, како и замена на надворешни прозори и балконски врати со енергетски ефикасни прозори и врати, што за жителите на Општината ќе значи заштеда на потрошувачката на енергија, а со тоа и зголемување на средствата во домашниот буџет.
Субвенционирањето ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на општина Кисела Вода, во висина од 30 проценти, од вкупниот износ на вредноста на инвестицијата за секоја одобрена апликација. Останатиот дел од сумата ќе може да се исплати преку поволен заем чиј услови Хабитат ќе ги дефинира заедно со заедниците на сопственици или индивидуалните сопственици на становите, се наведува во соопштението од општина Кисела Вода.