Challenger, мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници и био смарт ориз ќе добијат поддршка од 10.000 долари за имплементација на нивните зелени идеи. Победниците беа прогласени вчера на завршување на регионалниот натпревар Philanthropy for Green Ideas на кој, во конкуренција со националните победници од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Србија и Црна Гора се натпреваруваа и македонските национални победници на АРНО натпреварот за зелени бизнис идеи.
Македонските национални победници беа:„Challenger-Мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници“, „Ракатрак- Природен едукациски центар за деца за животни вештини“, и „Производство на био- смарт ориз“.
За националните победници АРНО и годинава обезбеди поддршка од партнерите. Првопласираната македонска идеја-апликацијата Challenger е наградена од Фондот за иновации и технолошки развој со ваучер за патување на промотивен настан во странство. Дополнително, сите три победнички идеи добија вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“.
Се натпреваруваа вкупно 12 зелени идеи. Финалистите се претставија со идеи за зелени бизниси кои имаат економска логика, позитивно влијание врз природата и заедницата, и во себе носат елемент на иновација.
Покрај победничките идеи, во конкуренција беа и идеите: Treebanks-платформа за онлајн купување на сместување преку која со секоја трансакција се поддржува садење на едно дрво, Едукативни еко играчки, Анаеробен модуларен дигестер, Паметна кутија за апчиња направена од рециклирани материјали, Органски кремови од лешник со еко восочна обвивка, Тури со електронски велосипеди, Скулптури од отпад, Ma Belle – Еко ресторан со редовен ангажман на бабички кои подготвуваат традиционална храна и Puzzle Green Events -маркетинг агенција за организирање на „зелени“ настани.