Еколошката категоризација на возилата нема да биде задолжителна

- Advertisement -

Еколошката категоризација на возилата нема да биде задолжителна, a некатегоризираните возила нема да смеат да се управуваат во забранетите зони за движење на возила што ќе ги прогласат локалните власти во услови на зголемено загадување на воздухот и доколку ги исполнуваат условите за добивење зелена еколошка налепница. Во деновите кога има забрана ќе можат да се возат само возилата со зелена маркичка.

Зелена еколошка налепница ќе можат да добијат возилата што го исполнуваат стандардот ЕУРО 5 и повеќе, но и возила со ЕУРО 4 и ЕУРО 3 стандард во кои е вграден плински или метанов уред, како и хибридните и електричните возила. Од категоризацијата се изземаат возилата на војската, полицијата, пожарната и брзата помош, како и возила во кои се возат лица со попреченост. Тие ќе можат да се движат и во зоните каде има забрана за движење поради загаденост на воздухот.

- Advertisement -

Трошокот за еколошката налепница ќе биде на товар на граѓаните, а за издавање на погрешна еколошка маркичка предвидена е глоба од 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во техничката служба.

Во законското решение се предвидени 170 милиони денари за субвенционирање на вградување на плински и метанов уред во возилата со ЕУРО 4 стандард и помалку, како и за купување на ново возило по системот старо за ново.

- Advertisement -

Имплементацијата на законското решение ќе стартува 12 месеци по стапувањето на законот на сила со цел да се усогласи со останатите закони, а во првите три години од спроведувањето на законот ќе им се овозможи на сопствениците на возила со ЕУРО 4 стандард да добијат зелена еколошка налепница доколку побараат.

Сподели!
- Advertisement -