Германската компанија за производство на компоненти за автомобилската индустрија „Костал“ во капацитетот во Охрид наредните пет години ќе вработи уште 750 лица, односно до крајот на 2025 година ќе достигне вкупно 1.150 вработени, со што ќе биде меѓу трите најголеми производствени капацитети на групацијата во Европа. Предвидено е „Костал Македонија“, германска браунфилд инвестиција во рамки на поранешните капацитети на охридски „ЕМО“, да оствари извоз од околу 300 милиони евра на годишно ниво.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој денеска беше во посета на „Костал“ истакна дека компанијата е странска инвестиција што значајно влијае врз стопанскиот развој на Охрид, истовремено и придонесува за зголемување на БДП во земјата.
– Неодамна потпишан е договор за државна помош за втората фаза од инвестицијата на „Костал“ вредна над 40 милиони евра. Како држава ќе направиме се што е во наша моќ и натаму да привлекуваме странски инвестиции, да ја помогнеме нивната соработка со домашни компании, но и такви инвеститори што ќе вработуваат високообразовен кадар со поголеми месечни примања – рече Анѓушев.
Тој посочи дека 42 отсто од вработените во „Костал“ во Охрид се со високо образование и оти просечната бруто плата во компанијата е 820 евра што, според него, е дел од стратегијата на Владата во насока на подобрување на условите за работа во земјата и остварување повисоки примања.
Извршниот директор на групацијата „Костал“ Каи Кникман изрази задоволство од текот на реализацијата на нивната инвестициска програма во Охрид, како и од работењето на раководниот тим на компанијата во државата.
Во фабриката во Охрид „Костал“ произведува модули за речиси сите светски автомобилски компании, односно комплексни производи за коишто се потребни квалификуван персонал и технолошки софистицирана опрема. Како што вели директорот на „Костал“ Виктор Мизо, според комплексноста на производството, „Костал“ е меѓу технолошки најсофистицираните фабрики во земјата, со автоматизирано производство со еден робот на двајца вработени. Со реализацијата на бизнис планот на компанијата, во погоните во „Костал“ во процесот на производство ќе бидат вклучени 500 роботи.Речиси 99 отсто од вработените во производствениот процес во „Костал“ се од Охрид и Струга. Високообразованиот обучен кадар го сочинуваат инженери од сите градови во земјата.