Од селекција на отпад, потоа негово рециклирање може да се заработува, и тоа да биде одржливо на долг рок. Денешните технологии тоа го овозможуваат, и тоа е процес кој веќе е реалност во други земји. Значењето е уште поголемо од аспект на заштитата на животната средина, во зачувување на природата, и пред се во добивањето почисти и поубави урбани средини, децидни се експертите кои ги контактираше нашата редакција.
Добро организиран град во делот на управување со амбалажниот отпад, може многу други проекти да ги финансира од тоа, но во моментов Скопје, тоа не е!
Одлична можност е да се прават пари од отпад, но тој прво мора да се селектира, па да се собира. А кај нас сведоци сме на преполни контејнери, на растурени и превртени контејнери…на непрофесионално и нередовно сервисирање на контејнерите за селекција на отпад од страна на Комунална хигиена Скопје. Ситуација која сигурно и ги демотивира многу граѓаните да селектираат, а воедно и прави многу грда слика за градот.
Европската пракса покажува дека решението на проблемот со КХС е во Јавно приватно партнерство односно да се укине монополот на КХС за сервисирање на контејнерите за отпад од пакување и да се овозможи приватни оператори да го прават тоа. КХС и понатаму да собира комунален смет, но не и да биде единствен оператор.
Уште поголем проблем прават неформалните собирачи. Голем дел од отпадот што го собираат овие собирачи никаде не се евидентира, што претставува проблем и за државата, бидејки кога не се евидентира де факто и официјалната стапка на рециклирање е ниска. А не се евидентира бидејки често завршува кај отпади кои што работат без дозвола. Ако се гледа од законски аспект, неформалните собирачи нелегално го собираат вредниот дел од отпадот кој е во надлежност и сопственост на комунланите пррепријатија и општините. Поради недостатокот на организација и контрола, во секојдневната борба за обезбедување на поголеми количини отпад, а со тоа и поголема заработка, неформалните собирачи многу често ја оштетуваат комуналната инфраструктура поставена од „Пакомак”, во која граѓаните треба да го одложат селектираниот отпад. Едноставно, овие собирачи гледаат конкуренција во формалните системи за селекција на отпадот.
Но, освен што ја уништуваат скапата опрема која што колективните постапувачи ја донираат на општините, тие создаваат и лоша слика околу контејнерите, каде го расфрлаат отпадот, и со тоа ги демотивираат останатите граѓани да го селектираат отпадот.
Неформалните собирачи треба да бидат вклучени во организираниот систем за собирање и селекција на отпадот за што е потребно заедничко делување на институциите, локалните самоуправи, комуналните претпријатија и компаниите како „Пакомак”. Мора да се обезбеди листа на улични собирачи, кои ќе треба да поминат обука, да имаат заштитна облека и ракавици и да работат во координација со комуналните претпријатија. За оние кои од разни причини нема да сакаат да станат дел од легални системи за селекција и собирање, институциите мора да применат казни доколку повторно продолжат со нелегално собирања отпад.