ССК: Јакнење на економската дипломатија со квалитетни кадровски решенија

- Advertisement -

Владеење на правото и борба против корупцијата, зајакнување на економската дипломатија, демонстрирање проактивно лидерство, како и минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања се клучните приоритети на деловната заедница кои беа презентирани во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на првата работна средба на претседателот на државата д-р Стево Пендаровски со претседателот на ССК, г-ѓа Данела Арсовска, претседателството и членови на Управниот одбор.

Претседателот на Сојузот, Арсовска, на средбата ги посочи најважните структурни реформи кои треба да бидат приоритет за национална и економска перспектива, а врз кои свое влијание има и претседателот како институција.

- Advertisement -

Владеење на правото

Правната сигурност претставува основа за функционирање и развој на една држава и се спроведува преку независност на судство и борба со секој вид на коруптивно однесување. Владеење на правото е и основа за старт на преговори со ЕУ и услов број еден за инвестиции во земјата. Потребно е целосно реформирање на системот на правна држава и воспоставување на механизми за почитување на правниот систем, регулативата и ефикасна јавна администрација. За исполнување на наведеното време е државата да направи сериозен чекор, во борбата со корупцијата и криминално однесување за што поскоро приватниот и граѓанскиот сектор да ја вратат довербата во правната држава. За да се излезе од оваа состојба која директно влијае на стопанството и инвестициите, потребен е силен исчекор и заложба од страна на сите позиции и органи на власт, како и подготвеност да се справат со предизвиците.

- Advertisement -

Зајакнување на економската дипломатија

Успешно меѓународно претставување на земјата и привлекување на интересот за инвестиции, но и за пласирање на македонските производи на странските пазари, е од голема важност за економски развој на Македонија. Сојузот на стопански комори како резултат на заложбите на Претседателот на ССК за меѓународна афирмација има отворени врати за соработка со стопанските комори и деловни асоцијации од пет континенти. Заедничкото претставување во голем дел ќе влијае во остварување на економските цели на државата насочени кон зголемување на извозот, учество во работата на меѓународните организации и привлекување странски инвестиции. Суштинско е секоја меѓународна посета на Претседателот на државата да се искористи и за потенцирање на економските потенцијали, при што со бизнис делегации и директни средби да се работи на развој на меѓународни економски партнерства. Важно во делот на економската дипломатија е и лицата кои се кадровски решенија за поставување во допломатските претставништва да имаат вештини и желба да делуваат на промоција на Македонија како инвестициска дестинација, но и да служат како линк за деловната заедница во државата каде се поставени како дипломати.  Дополнително, потребно е да се поттикне зголемувањето на надворешната трговија особено на извозот и негово поттикнување со оглед на тоа што 5% од вкупниот број активни трговски друштва во земјата се извозници.

- Advertisement -

 

Демонстрирање на проактивно лидерство

Деловната заедница очекува претседателот како институција да се справи со предизвиците со кои секојдневно се соочуваме. Сите најави за кризи или потенцијални проблеми  потребно е навремено да бидат адресирани како би се превенирала непотребна ескалација на состојбите и корекции откако ќе биде нанесена неповратна штета на приватниот сектор и граѓаните. Затоа е неопходна континуирана соработка врз основа на принцип на партнерство преку која политиките ќе се градат со цел севкупен национален развој.

Минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања

Институциите ќе работат поефикасно доколку се посветат на минимизирање на поларизацијата  и на постигнување на политички консензус со сите чинители. Неопходно е во услови на кршлива економија да се зајакнат сите капацитети кои се во интерес на овозможување сигурен економски раст, а тоа значи минимизирање на дневно политичките несогласувања, изнаоѓање компромис за клучните прашања за националниот просперитет и посветување кон забрзан економски развој.

Деловната заедница високо ги цени најавените заложби на Претседателот Пендаровски за нулта толеранција за непотизмот, корупцијата и криминалот, како и посветеност за економски развој на државата. Сојузот на стопански комори е отворен за соработка со сите институции на највисоко ниво за спроведување на овие значајни постулати за градење демократско општество. Единствено со унапредување на јавно-приватниот дијалог помеѓу највисоките носители на власта во државата и приватниот сектор и со континуирана дискусија може да очекуваме подобрување на состојбите на економски план.

Заклучок од сите неопходни приоритети е дека доброто владеење е важно бидејќи дисфункција на системот ја исцрпува довербата, го загрозува растот и ја нарушува можноста за напредок.

 

Сподели!
- Advertisement -