Заменик-министерот за финансии Ширет Елези, директорот на Канцеларијата на Светска банка во државата Марко Мантованели и градоначалниците на седум општини денеска потпишаа договори за финансирање капитални проекти.
Договорите се потпишани со општините Чучер Сандево, Врaпчиште, Боговиње, Делчево, Кичево, Шуто Оризари и Македонски Брод, преку Проектот за подобрување на општински услуги што го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. Покрај овие општини наскоро ќе бидат потпишани договори и со Тетово и Демир Хисар.
Bкупната вредност на проектот е 176,9 милиони денари или 2,8 милиони евра.
Преку овие средства се предвидени реконструкција на пат во Општина Чучер Сандево, изградба на две филтер станици за вода за пиење во Општина Врапчиште, набавка за механизација за Јавното комунално препријатие во Општина Боговиње, изградба на булевар во Тетово, изградба на придружни и услужни објекти на градските гробишта во Делчево, изградба на кружни текови во Кичево, реконструкција на пат во Македонски Брод, изградба на детско игралиште во Општина Шуто Оризари и набавка на противпожарно возило во Општина Демир Хисар.
Дел од средствата се заеми по исклучително ниска и поволна камата, додека дел се грант средства.
– Овие проекти ќе опслужуваат над 160.000 граѓани во девет различни општини, како во урбани, така и во рурални предели во земјава, како во источниот и централниот, така и во западниот регион. Целта на МСИП е преку финансиска поддршка на локалните проекти да се подобрат општинските услуги и на тој начин да се подобри стандардот за живеење во општините, односно да се обезбедат подобри услови за граѓаните, рече Елези.
Мантованели соопшти дека повеќе од една деценија работат во партнерство со Министерството за фиансии и со општините за да помогнат во јакнење на транспарентноста, финансиската одржливост и испораката на услуги.
Тој потсети дека досега речиси 24.000 домаќинства се поврзани на водоводен систем во текот на времетраењето на самиот проект, а повеќе од половина луѓе имаат пристап до колекторски системи за собирање цврст комунален отпад. Рехабилитирани се околу 150 километри локални патишта. Најави дека имаат уште еден проект што треба да заврши до 2020 година и очекуваат да се стигне до 200 километри.
Мантованели најави дека 25 милиони евра ќе им бидат достапни на општините во иднина, преку истиот механизам.