Медалите за Олимписките игри во Токио во 2020 година беа претставени денеска, точно една година порано од почетокот на Игрите. Откривањето на медалите, кои се дизајнирани од Јуничи Каваниши, беше главната атракција на екстравагантната церемонија на која присуствуваа претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Томас Бах и јапонскиот премиер, Шинзо Абе.
Медалите имаат дијаметар од 85 милиметри, а на нив се насликани грчката божица на победата Најки, како и олимпискиот симбол. Направени се од рециклирани метали кои беа собрани од 6,21 милиони мобилни телефони и други електронски уреди кои ги донираа луѓе ширум Јапонија.
Вкупно се направени 5.000 златни, сребрени и бронзени медали. „Се надеваме дека нашиот проект за рециклирање на малите електронски уреди и нашите напори да придонесеме за еколошки и одржливо општество ќе бидат она по што ќе бидат запаметени Олимписките игри 2020 во Токио” велат од организаторскиот комитет на Игрите.
Медалите ја симболизираат енергијата на спортистите, како и диверзитетот на игрите, а сјајноста е симбол за топлиот сјај на пријателството. Дизајнот ја претставува и јапонската култура, каде што на лентата на која се обесени е применета модернизирана техника ишимацу мово или вид на шаховски дезен, како и касане но ироме, односно техниката на ткаење на јапонските кимона.