Нови 16 милиони евра поволни кредити за малите и средни претпријатија

- Advertisement -

Втората транша поволни кредити за мали и средни претпријатија од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во износ од 16 милиони евра, ќе пристигне на почетокот на следната недела. Со овие средства ќе се поддржат проекти на 53 мали и средни фирми. Ова беше истакнато денеска на средбата помеѓу заменик министерката за финансии Ширет Елези и в.д. главниот оперативен директор на Развојната банка на Македонија Вељанд Рамадани.

Со првите две транши ќе бидат повлечени вкупно 31 милион евра за поддршка на 92 мали и средни претпријатија. Развојната банка работи и на подготовка за повлекување нова трета транша во износ од околу девет милиони евра за поддршка на нови 20 мали и средни претпријатија.

- Advertisement -

На состанокот, како што соопшти Министерството за финансии, е посочено дека поволните кредити за малите и средни претпријатија значат пристап до капитал и подобрена ликвидност, додека за стопанството значат нови инвестиции и отворање нови работни места.

„Малите и средни претпријатија се основата на економијата. Тие се креатори на најголемиот број работни места кај нас, учествуваат во креирање на над половина од бруто-домашниот производ и претставуваат 99 отсто од вкупниот број претпријатија што работат во нашето стопанство. За жал, пристапот до капитал, до кредити, за малите и средни претпријатија е многу потежок во однос на големите компании. За таа цел, Владата преку поволните кредити за мали и средни претпријатија преку Развојната банка, но и преку низа други мерки, дава поддршка на овој сектор. Настојуваме да се развие инвестициската активност, претприемништвото, да се креираат нови работни места“, рече заменик министерката за финансии Елези.

- Advertisement -

Оперативниот директор на Развојната банка, Рамадани посочи дека преку кредитната линија од ЕИБ, Развојната банка продолжува да ја остварува својата стратегиска определба за поддршка на македонската економија и постигнување оддржлив развој, преку поддршка на малите и средни претпријатија.

„Ние како Развојна банка на Северна Македонија цврсто веруваме во продолжување на успешната соработка со ЕИБ, се со цел на нашите мали и средни претпријатија да им овозможиме поквалитетни финансиски извори, а со тоа да придонесеме кон зајакнување на целокупната економија, зголемување на вработеноста и поттикнување на иновациите и извозот. Покрај ова кредитна линија, во понудата на банката е вклучена широка палета финансиски производи, односно кредитни линии, факторинг, гаранции и осигурување на извозот приспособени кон потребите на крајните корисници“, рече Рамадани.

- Advertisement -

Од Министерството за финансии наведуваат дека условите под кои може да се користат средствата од кредитната линија на ЕИБ се исклучително поволни, односно каматна стапка од 3,2 отсто и рок на отплата до 12 години за инвестиции и приоритетни проекти, и до три години за обртни средства. Поддржани дејности со петтата кредитна линија ЕИБ за двете транши се производство, трговија, градежништво, транспорт, здравство и образование, хотели и ресторани  и останати дејности.

Вкупната вредност на петтата кредитна линија од ЕИБ изнесува 100 милиони евра и договорот за користење на истата беше потпишан лани во септември. Досега преку Развојната банка се реализирани четири кредитни линии поволни кредити од ЕИБ, во вкупна вредност од 350 милиони евра.

- Advertisement -