Со почетокот на 2021 година сите компании кои работат со фосилни горива нема да можат повеќе да сметаат на поддршката од Европската инвестициска банка. Оваа организација на ЕУ одлучи да ги пренасочи парите за да помогне да се стопира кризата со климатските промени така што нема да финансира проекти врзани со фосилни горива и ќе ги искористи своите инвестиции за чиста енергија.
ЕИБ планира да ги оневозможи сите компании кои работат со јаглен, нафта или гас да аплицираат за финансирање на нивните инфраструктурни проекти. Овој потег е во согласност со напорите на ЕУ да ја стопира глобалната климатска криза која летово предизвика досега невиден топлотен бран на европскиот континент. Освен топлината, земјите од Европа се соочуваат и со позачестени бури и поплави како последица на климатските промени, а фосилните горива придонесуваат за влошување на ситуацијата.
Според плановите, Европската инвестициска банка ќе се фокусира на долгорочни инвестиции во согласност со Парискиот климатски договор, со крајна цел покачувањето на температурите на глобално ниво да се задржи на максимум 1,5 степени Целзиусови во споредба со 90-тите години.
„Ова ќе биде огромна транзиција. Мора да покажеме солидарност и да им помогнеме на потенцијално ранливите групи или региони“ велат од ЕИБ.
Банката планира да создаде фонд за транзиција кон зелена енергија за да финансира проекти кои на земјите ќе им помогнат побррзо и полесно да се префрлат на чиста енергија. Одборот на ЕИБ, кој главно е составен од министри за финансии од земјите членки на ЕУ, ќе се состане во септември годинава за дискутира за предлозите, иако за конечната одлука ќе треба да помине малку повеќе време.