Паметните влошки за патики на студентката Франка Граждани од Машински факултет полнат мобилен додека чекорите

- Advertisement -

Паметни влошки за патики кои призведуваат електрична енергија е изум со кој дипломираше Франка Граждани на Машинскиот факултет во Скопје. Младата инженерка за Иновативност раскажува за својата иновација, но и за плановите и соништата за иднината. Вели дека во иднина би сакала да работи во автомобилската индустрија, посебно во секторот за дизајн. Ѝ се допаѓаат возилата и новите системи и оптимизации на начинот на нивното работење како и самиот дизајн и промени на изгледот. Токму поради оваа љубов голема желба ѝ е да работи во оваа индустрија.

Таа планира иновацијата паметна влошка за патики да добие поусовршена верзија, но размислува и да го продолжи образованието и да се стекне со практично искуство во повеќе фабрики.

- Advertisement -

Пишува- Сања Наумовска

Франка, твојата дипломска работа се паметни влошки за патики кои полнат телефон. Како дојде на оваа идеја?

- Advertisement -

Пред сè да посочам дека слични изуми постојат. Не сум прва што работи со оваа тематика. Идејата дојде од истражување на слични производи со слични компоненти кои ги користев и јас за да ја склопам мојата дипломска работа. Идејата, всушност, потекна од истражувањата кои ги правев за претворувачите, материјали кои навистина ми беа интересни и чии својства ги искористив во мојот дипломски проект. Претворувачи се метални дискови со пиезоелектричен кристал, кои кога се деформираат генерираат струја. Нивниот начин на функционирање ми звучеше многу привлечно и практично, па така ја добив и идејата да создадам продукт во кој ќе се користат при одење.

- Advertisement -

Колку време се развиваше идејата за овој дипломски проект, од кого имаше најмногу помош и поддршка?

Целиот проект започна во март годинава, а на дипломската работев околу  три до четири месеци. Најмногу време ми одземаа експерименталните мерења, бидејќи потребно беше физички некој да гази на влошката. Помош, секако имав од менторот, со кој ја спремав дипломската, но и од сегашни студенти и мои блиски, кои беа желни да ми помогнат. Тие често беа присутни на експерименталните мерења поради тоа што темата беше навистина многу интересна.

Како функционираат влошките, кој може да ги користи?

Се работи за влошка која може да се стави во било какви обувки и функционира многу едноставно. Претворувачите се пиезоелектрични и кога човекот ги нагазува додека оди, тие се деформираат. При таа деформација се генерира струја, што, всушност е особина на пиезоелектриците. Струјата се зачувува во батерија, а излезот е USB кабел кој влегува во уредот кој треба да се полни. Со оглед на тоа што изградив само еден прототип, според големината на моите патики, оваа паметна влошка само јас го користам.

Сметаш ли дека има потенцијал паметните влошки да се комерцијализираат?

Искрено, верувам дека има голем потенцијал влошките да се развијат во комерцијален продукт. Но, пред се потребно е да се подобрат, односно да се направат со поквалитетни метеријали. Моите компоненти беа евтини, нарачани од интернет за неколку долари и со поголеми димензии. Сметам дека доколку се направат со соодветни компоненти би се развиле паметни влошки за полнење при одење. Пред се треба да се намалат димензиите на пиеозелектричните претворувачи. Да не се поставени низ целата влошка и да се озбезбеди максимална удобност при одењето. Секако, тие треба да се и од подобар квалитет, бидејќи моите често се кршеа. Во развојот на проектот треба да се намали и големината на батеријата која ја користев, за побрзо да се полнат уредите и  да има поголем капацитет самата батерија. Исто така во иновативниот производ треба да се стават поквалитетни жици, бидејќи моите често се кинеа.

Имаш ли други иновативни идеи кои сакаш да ги развиваш?

Пред сè би сакала дипломскиот проект да го проширам. Ми се допаѓа идејата на вградување на вакви или слични претворувачи во возила, бидејќи во нив има вибрации, а со тоа и можност за добивање на струја од нив. Истиот принцип може да важи и кај машини кои генерираат вибрации со високи фреквенции. Но, сега за сега тоа е само идеја.

Сподели!
- Advertisement -