Кинескиот технолошки гигант Huawei го претстави оперативниот систем HarmonyOS откако од Google потврдија дека на овој производител повеќе нема да му даваат поддршка за Android поради рестрикциите кои ги воведоа властите на САД. Од компанијата на прес-конференција истакнаа дека се надеваат дека новиот оперативен систем во светот ќе донесе повеќе хармонија.
Оттаму нагласија дека Huawei сака да го користи Android, но може и моментално да преминат на HarmonyOS (или како на кинески го нарекуваат HongMeng) доколку изгубат пристап до американскиот софтвер. Основачот на Huawei, Рен Женгфеи, претходно изјави дека новиот оперативен систем ќе биде универзален, дека ќе може да се користи на разни уреди и дека ќе биде побрз од Android за 60%.
Првиот уред кој ќе го користи новиот оперативен систем на Huawei ќе биде претставен утре, а станува збор за релевизор од марката Honor. Huawei ќе претстави и паметни телефони со новиот софтвер во текот на годинава. Од Вашингтон, пак, тврдат дека Huawei е закана по безбедноста на земјата и затоа му забраниле пристап до американската технологија. Кинеската компанија ги демантира тие обвинувања.