Македонската иновативна платформа за маркетинг Qpick веќе ги освои Литванија и Естонија, следен пазар е Чешка

- Advertisement -

„Претворете ја дигиталната публика во реални посетители на вашите продавници“. Ова е пораката која творците на македонското софтверско решение Qpick ја испраќаат до секој трговец кој сака да се пробие на локалниот или глобалниот пазар и сака да ги искористи сите можности кои ги нуди технологијата. Oвој софтвер всушност има мисија  да “ги натера“ дигиталните купувачи да ги посетат реалните продавници на трговците!

 

Qpick софтверот е наменет за помалите трговци, кои се основата на економијата на секоја земја и ја сочинуват речиси 70 отсто од глобалната трговија. Нивната борба за клиенти е постојана, а Qpick е старт-ап основан со мисија да им помогне да бидат поконкурентни преку иновативна технологија за рекламирање со повеќе канали.

- Advertisement -

За можностите на Qpick разговараме со еден од ко-осоновачите на овој старт-ап, Зоран Настески. Покрај него, основачи се и Дамјан Димитриоски и Дарко Маџоски, а младиот тим динамично расте и се зголемува. Настески нагласува дека дел од партнерите на Qpick се и експерти од Twitter, Telstra Telecom, Startup Wise Guys, StartupBootcamp. Тој вели дека успехот на овој бизнис е директно врзан за луѓето кои се вложуваат себеси во продуктите, па затоа одлучиле на вработените на Qpick до крајот на оваа година да им биде отворена и опцијата за откуп на акции во компанијата, која верува дека ќе донесе дополнителна мотивација.
Разговараше – Сања Наумовска
Г-дин Настески објаснете каков вид платформа е Qpick?
Qpickе софтверско решение наменето за традиционални трговци, односно трговци кои имаат физички локации повеќе познати како „Brick and Mortar Retailers“ вклучувајќи мали локални брендови, трговски центри и големи трговци. На трговците од овој тип ние им нудиме подобрување на неколку процеси, а особено во делот на дигиталниот маркетинг. Всушност, 61 отсто од буџетот што овие трговци го трошат на рекламирање е загуба и се наплаќа како дигитални импресии, споделувања, лајкови и сè што нудат големите онлајн платформи. Ние го решаваме проблемот со празните импресии што никогаш не завршуваат во посета на физичките локации. Најголемата инвестиција на традиционалните трговци се нивните продавници, а ние им помагаме да привлечат повеќе потрошувачи кои се заинтересирани за нивните понуди. Qpick спаѓа во категоријата на AdTech и MarTech стартапи со фокус на вештачка интелегенција (AI), платформски аналитики и дистрибуција и голема дата (Big Data).

Какви предности им нуди оваа платформа на потрошувачите?
Кога Qpick започна со пилотирање, во јавност беше пуштена мобилна апликација за потрошувачи со крајна цел да им го олесни процесот на купување и го подобруви шопинг искуството. Ова се неколку битни карактеристики што Qpick им ја овозможува на потрошувачите:

  • Брзо прелистување на локални промоции
  • Филтрирање на понуди по категории и по оддалеченост
  • Лоцирање на продавници и брендови кои имаат атрактивни понуди релевантни за секој купувач
  • Поставки за алармирање на понуди по продукт, бренд и дистанца односно доколку некој омилен бренд или трговец има атрактивна понуда корисникот добива нотификација доколку е во близина
  • Зачувување на понуди и други функции како шопинг картички, наградни игри и групни попусти што во моментов се достапни само во Литванија и Естонија.
    [quote]Во моментов сме активни во три држави со над 600 трговци, преку 700 активни корисници на дневно ниво и над 400 активни промоции неделно[/quote]

На кои пазари е активна платформата?
Qpick како пилот беше лансирана првично во Македонија каде што една година се работеше на подобрување на продуктот, комуникација со корисници и развој на нови функции и продукти поврзани со платформата. Во моментов има 169 активни трговци во Македонија, а пристап до платформата имаат само 20 кои ја тестираат бета верзијата. Отворена верзија се очекува до крајот на годината, а во нашата земја ќе се наоѓа главниот процесор за Балканот.
Пред помалку од пет месеци Qpick беше избран од Startup Wise Guys како стартап со голем потенцијал за брз раст и интернационализација и бевме дел од нивната старт-ап програма во Вилниус која траеше три месеци. Во тој период успеавме да ја лансираме и во Литванија, а денеска имаме и над 50 активни трговци и во Естонија. Во моментов сме активни во три држави со над 600 трговци, преку 700 активни корисници на дневно ниво и над 400 активни промоции неделно. Нареден пазар на кој планираме влез е Чешка.

Што е иновативноста на платформата, што ја издвојува од другите слични?
Дигиталната индустрија станува многу голема, но со тоа и комплексна. Она што ние го нудиме како иновација е моделот на поврзување на повеќе платформи и нивно соединување во еден канал за потрошувачите. Нашата иновација е спој на повеќе системи со една цел- подобрување на дигиталниот процес преку кој трговците и потрошувачите комунициираат без притоа да има непосакувани вознемирувања со нерелевантни реклами до крајниот потрошувач. Дел од нашите иновативни алатки кои се во процес на заштита како интелектуалнa сопственост се алгоритмите за упатување (recomendation algorythm) базиран на време, локација, потрошувач и потреба, мултиканален конектор за социјални медиуми и визуализација на потрошувачки групи, и роботот со вештачка интелигенција за предвидување на потрошувачката активност.

Како планирате да ги привлечете компаниите да ја користат Qpick платформата?
Нашиот главен бизнис е да обезбедиме решенија за проблемите на трговците. На трговците со физички локации им овозможуваме дистрибуција на нивните понуди преку повеќе канали вклучувајќи: e-mail, Facebook, Instagram, Twitter и Qpick app. Притоа главните придобивки за трговците се тоа што добиваат дистрибуција на понудите од едно место до повеќе дигитални канали, вкрстена анализа од повеќе канали, следење на потрошувачките барања, задоволство и однесување. Нашата платформа дава можност да се известуваат потенцијалните клиенти по потреба и локација и пасивните пасивни онлајн и офлајн клиенти да се претворат во реални потрошувачи.
Планирате ли и понатаму да се развива платформата и во кој правец?
Од гледна точка на продукт во овој момент работиме само со одбрани трговци, но платформата ќе биде отворена за пошироката јавност до крајот на годинава и ќе овозможи автоматизирање и оптимизирање на маркетинг процесите на трговците со физички локации. Дополнително, во изработка е и нова верзија на мобилната апликација за трговци која има значителни промени и истата ќе биде достапна и за IOS.
На долгорочен план, планираме Qpick да биде идеалната алатка за поврзување на потрошувачи и трговци без притоа да се нарушува интересот на потрошувачот.

Сподели!
- Advertisement -