Македонската иновација за 3Д мапирање интересна за најпознатите светски компании за автономна навигација на возила

- Advertisement -

Најпознатите светски компании за автономна навигација на возила и најголемиот производител на системи за навигација кои се користат во мобилните телефони и други автономни уреди се заинтересирани за софтверот за 3Д мапирање што го развива македонската компанија Vision Dynamix.

Продуктот на оваа компанија, која е формирана како спин-оф на Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, е понапреден и од оние кои се развиваат кај нивните најголеми светски конкуренти од Силиконската долина. Алгоритмите кои се вградени во овој продукт сè уште се развиваат во научните лаборатории ширум светските универзитети и истражувачки центри.
Македонскиот софтвер е 40 пати побрз од конкурентските и креира објекти со многу поголема точност, посочуваат двајцата од основачи на Vision Dynamix и творци на напредниот софтвер, професорот на ФЕИТ д-р Миле Станковски и  м-р Душко Муртовски. Тие велат дека во изминативе повеќе од две години производот се развива во континуитет, а останува да се подготви за комерцијална употреба и да се спреми маркетинг стратегијата, за што во моментов се бараат инвестиции.
„Идејата од науката да дојдеме до иновативен продукт за комерцијална употреба се потврди преку нашата работа и крајниот производ. Во светот за овој тип идеи се инвестираат милиони евра. Штом се утврди дека идејата е валидна нема никаков проблем да се најдат инвеститори за да се развива. Ние досега добивме помош од 30.000 евра во вториот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, за што сме им многу благодарни. Ова ни помогна да вработиме неколку млади инженери и да го развиеме производот. Во меѓувреме добивме и помош од странски партнери за да се доразвие продуктот, а сега ни требаат средства за да се комерцијализира, да се изработи веб платформа и мобилна апликација, да се утврдат можностите за онлајн нарачки и купување и да се работи на пробив на пазарите. Постојат и две нови потенцијални инвеститици, една од домашен акцелератор, а втората од ФИТР, па очекуваме со нив да создадеме тим кој ќе продолжи да работи на довршување на овој проект, но и да продолжиме да работиме на нови продукти кои ги имаме како идејни решенија“, вели проф. Станковски.
Што е Dynamix Mapper?
Продуктот Dynamix Mapper претставува софтверска платформа составена од повеќе делови, од кои главната е апликација која работи на персонален компјутер и на неа може да се внесат (аплаудираат) слики или видеа од различни извори и од нив да креира 3Д објект. Dynamix Mapper создава 3Д мапи со голема прецизност со користење на дронови или други уреди способни за снимање видео или фотографија со висока резолуција, како смартфони, камери и сл. Системот користи state of the art алгоритам за симултана локализација и мапирање (SLAM) спротивно на тековните и застарени фотограметриски техники. Ова решение ги интегрира и сензорите од уредот со кој се прави снимката што овозможува да се добие точност во опсег од неколку сантиметри.
Решението се состои од десктоп апликација која го имплементира основниот алгоритам за мапирање од првиот производ развиен од компанијата Vision Dynamix, Terra Mapper. Исто така вклучува и веб-апликација за управување со мапи преку Интернет, споделување на податоци, известување, профилирање и продажба на корисници и компании. Решението, исто така вклучува мобилна апликација за брза инспекција на мапите, споделување и управување со проекти.

Душко Муртовски

„Софтверот веќе почнаа да го употребуваат наши домашни геодетски компании, за чии потреби тимот на Vision Dynamix го доразвиваше и прилагоди. За него се заинтересирани и неколку странски компании, меѓу кои компанија која работи во областа на развој на автономната навигација на возила и најголемиот светски производител на системите за навигација во автомобили и мобилни телефони и други самостојни уреди, кој го снабдува речиси 80 отсто од пазарот во светот“, вели Муртовски.
[quote]Една од можностите која ја нуди Dynamix Mapper е реконструкцијата на несреќи, на пример сообраќајни несреќи, кои наместо само да се сликаат фотографираат како сега, единиците за спроведување на увидот можат да го користат нашиот систем за да направат реална 3Д реконструкција на местото на настанот[/quote]
Dynamix Mapper е втор продукт кој го разви компанијата Vision Dynamix. Првиот е Terra Mapper, софтвер финансиран со средства од Фондот, што претставува систем за 3Д мапирање во реално време, кој користи дрон за креирање на тродимензионални мапи додека лета. Dynamix Mapper е продолжение на првата иновација и претставува чекор понатаму во комерцијализацијата на решението. Dynamix Mapper, исто така, го креира објектот што е на сликата во три димензии, а функционира на тој начин што создава point cloud или облак од тродимензионални точки во просторот.

Овој софтвер може да се користи во индустрии за кои е потребно 3D мапирање, како геодезијата и градежната индустрија. Може да се користи и во случај на природни или човечки катастрофи, на пример поплави, за споредување пред и потоа на погодената област, потоа инспекција на индустриски места, следење на ниско достапни структури како оџаци, мостови, брани и др.
„Една од можностите која ја нуди Dynamix Mapper е реконструкцијата на несреќи, на пример сообраќајни несреќи, кои наместо само да се сликаат фотографираат како сега, единиците за спроведување на увидот можат да го користат нашиот систем за да направат реална 3Д реконструкција на местото на настанот што ќе ги има сите димензии на просторот на несреќата. Потоа, може да се користи и за 3Д мапирање на градови, патишта, пруги, земјоделското земјиште, градежните места, планирањето на проекти за идна градба, како што се терен за автопати, брани, гасоводи, управување со вода и дистрибуција на вода“, вели Муртовски.
Посочува дека во светот постојат неколку компании кои развиваат ваков тип софтвер, но сепак, иновацијата на Vision Dynamix е во брзината и точноста. Истата сцена која конкурентските софтвери би можеле да ја реконстриураат за осум часа, Dynamix Mapper ја создава за петнаесетина минути со многу поголема точност на 3Д моделот.
Професорот Станковски вели дека возилата со автономна навигација имаат потреба од ваков вид софтвер за да создаваат слика во 3Д формат за околината во која се движат, за да може компјутерот во возилото да се ориентира и да донесува одлуки за правецот и брзината на движење. Крајната цел на овој тип софтвери е во реално време, во динамичка состојба, додека се движат објектите, да создаваат 3Д слика. Во реалноста, посочува, сè уште сме далеку од тоа ова да се постигне со камера, но огромната предност на Vision Dynamix е во фактот дека нивниот систем е 40 пати побрз од конкурентските, што им дава огромна предност.
Производот треба да се подготви за комерцијална употреба и да се направи веб и мобилна апликација за да се олесни користењето. Нашиот потенцијален пазар е целиот свет и иако нашите конкуренти се гиганти, сепак нашиот производ е подобар. Доколку се комерцијализира и насочи во посакуваниот правец ќе има позитивни придобивки не само за нашата компанија туку и за државата, бидејќи ќе донесеме технологија која кај нас досега никогаш не се работела“, посочува професорот Станковски.
 

Сподели!
- Advertisement -