Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје на три локации низ главниот град поставија улични библиотеки од кои граѓаните ќе можат да позајмат книги и да ги вратат откако ќе ги прочитаат. Локациите на кои се поставија библиотеките се дворот на Детскиот културен центар „Карпош“, Градскиот парк и Паркот „Ибни Пајко“.
„Земи книга додека си во парк. Прочитај додека си таму и врати ја“, напиша на својот Фејсбук профил градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов.

Во коментарите на објавата граѓаните ја поздравуваат оваа иницијатива, но апелираат дека сите посетители треба да се грижат за објектот и позајмените книги.
Покрај тоа што ќе можат да подигаат книги, граѓаните слободно ќе можат и да оставаат книги во овие улични библиотеки, кои би сакале да ги споделат со другите.