Со 13,7 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР и Буџетот, ќе се воведе електронски систем за наплата на сите патарини, со што ќе се забрза транспортот, ќе се олесни протокот на возила и ќе се намали метежот.
Средствата во износ од 13 милиони евра се од ЕБОР, а државата обезбедува 700 илјади евра. Договорот за користење на средствата од ЕБОР беше потпишан денеска во Скопје од страна на министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов. На потпишувањето на Договорот присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Со проектот се предвидува надградба и модернизација на постојните наплатни станици за патарина долж Коридорот VIII, изградба на три нови наплатни станици за патарина на автопатски делници што се во тек на изградба – две на автопатoт Миладиновци-Штип и една на автопатoт Кичево-Охрид. Се предвидува инсталација на опрема за поврзување на надградените и новите наплатни станици за патарина со оперативниот центар за патарини во Петровец. Издвоени се средства за дизајн и изградба на дополнителна лента за зголемување на капацитетот на наплатната станица за патарина на Миладиновци долж Коридорот VIII.
Со проектот е предвидено и инсталирање фотоволтаични соларни панели на сите постојни и нови наплатни станици за патарина, кои се градат на целата автопатска мрежа.
Со воведувањето на електронскиот систем на патарините се очекува зголемување на ефикасноста на протокот на возила и зголемување на приходите од патарини. За три месеци, како што рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, граѓаните го прифаќаат овој начин на наплата и дека се издадени 9.200 електронски картички и тагови за наплата на патарина кои се применуваат на патарините долж Коридорот 10.
„Приоритет е и подобрувањето на услугите кои ги добиваат граѓаните од државата. Од таа причина, договорот кој го потпишуваме денеска со Европската банка за обнова и развој е од исклучително значење за сите нас. Со имплементација на овој договор ќе се обезбеди побрз и полесен транспорт, без гужви на патарина, зголемена безбедност во сообраќајот, и воведување на електронски систем за патарини на територијата на целата земја“, рече министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа додаде и дека преку проектот ќе се подобри ефикасноста на наплатата на патарини, што пак ќе придонесе зголемување на обемот на приходи на ЈПДП и нивно користење за подобрување на одржување на патната мрежа во земјава.
Директорот на Канцеларијата на ЕБОР истакна дека Банката поддржала седум проекти во патната инфраструктура во земјата во висина од 360 милиони евра.
Обезбени 13,7 милиони евра за електронска наплата на патарини
- Advertisement -
- Advertisement -