Регионалното поврзување на компаниите од металната и електро индустријата е предуслов за соработка со големите светски компании

- Advertisement -

Macedonia Manufacturing Expo 2019 е настан во организација на Македонската Aсоцијација на Mетална и Eлектро Индустрија  – МАМЕИ и Делегација на Германското стопанство во република Северна Македонија, што ќе се одржи на 25 и 26 септември во Скопје. Тоа е првиот македонски B2B (business to business) настан за лесната преработувачка индустрија, кој ги поврзува странските и домашните купувачи со локални добавувачи преку претходно договорени и таргетирани средби кои претставуваат можност за понатамошно партнерство.

МАМЕИ го иницираше овој бизнис настан во 2016 година со поддршка од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). УСАИД продолжува да биде партнер на МАМЕИ во развојот и комерцијализацијата на Macedonia Manufacturing Expo преку работата на Проектот за развој на деловниот екосистем.
Во очи на настанот, кој, годинава за првпат ќе се одржува два дена, Иновативност разговара со Марта Наумовска-Грнарова, претседателка на МАМЕИ Асоцијацијата.
 
Разговараше – Верица Јорданова
Г-ѓа Наумовска-Грнарова може ли да ни кажете нешто повеќе за Macedonia Manufacturing Expo 2019 што ќе се случува идната недела во Скопје?
Macedonia Manufacturing Expo годинава за првпат е дводневен настан. Откако изданијата во 2016 и 2018 година се покажаа како многу успешни, очекувано беше настанот да добие нова дизмензија со цел да привлечат што повеќе компании. На минатите две изданија најспецифични беа B2B средбите, кои годинава ќе се одвиваат вториот ден.
Ова е уникатен настан со оглед на тоа дека се работи за специфичен вид индустрија, метална и електро индустријат. На настанот ќе се одржат претходно закажани состаноци, а целта е пронаоѓање на странски купувачи за нашите компании.
Втората новина годинава е тоа што покрај македонските компании, како добавувачи ќе се појават и компании од регионот. Oчекуваме присуство на близу 100 компании од Србија, Црна Гора, Косово и Албанија. Партнерство со Германската стопанска комора и Германската агенција за набавка и логистика ќе обезбеди присуство на компании  од Германија, но и од Грција, Јапонија, Швајцарија, Австрија. Присутни ќе се и домашни и регионални инвеститори. Годинава има и Expo зоната е уште една новина , односно сите компании и индустрии ќе имаат можност да ги понудат своите услуги и производи. Првиот ден се потрудивме да има конференциска агенда со дискусии на различни теми кои ја засегаат индустријата.
Кој е резултатот од ваквите настани? Кои беа клучните постигнувања од претходните настани и ефектите кои вие како Асоцијација од металната и електро индустијата ги регистриравте?
Aсоцијацијата на Mетална и Eлектро Индустрија – МАМЕИ е формирана пред пет години со цел малите и средни претпријатија, кои што се извозно ориентирани да добијат платформа за соработка и здружено настапување на странските пазари. Користиме различни алатки, а во 2016 година со помош на проектот за конкурентност на УСАИД беше одржана првата B2B конференција која наиде на голем интерес. Во целиот овој период, пет години по ред, Германската стопанска комора организира еден настан на Германското министерство за економија за наоѓање на добавувачи за Западен Балкан. Првата година од Македонија беше одбрана само една компанија, за разлика од земјите во регионот од каде беа одбрани по 20 или 30 компании. Годинава може да се пофалиме дека беа селектирани десет македонски компании. Очигледниот напредок и е показател дека нашите компании треба да се едуцираат за настап на странските пазари. Од друга страна, добро е и за странските купувачи, кои ќе имаат можност за посета на фабриките.
Зголемениот интерес во Балканот од страна на домашните и странските инвеститори е дополнителна причина за организирање на настанов во Македонија.

Кои се конкретните резултати од претходните два настани?
МАМЕИ спроведе анкета меѓу сите 40 членки, повеќето мали и средни претпријатија, а секојдневно сме во контакт и со државните институции, министерството за економија, ТИРЗ и други.
Анкетата покажа дека како резултат на минатогодишната конференција резултат се потпишани договри од околу половина милион евра. Сметаме дека ова е одлична бројка особено ако се земе предвид  дека станување добавувач на странска компанија е долготраен процес.  Минатата година беа реализирани 400 претходно закажани состаноци во еден ден и се надеваме дека и годинава ќе ја задржиме таа бројка.
Малите и средните претпријатија се соочуваат со предизвици за доаѓање до добавувачи. Сметате ли дека со овој тип настани тоа се премостува, преку можноста да дојдат до директен контакт со големите странски играчи, отколку тоа да го прави секој поединечно?
Тоа беше и целата идеја на МАМЕИ. Секоја компанија поединечно е премала за да биде доживеана како сериозен добавувач и има ограничени можности. Целта е со хоризонтално поврзување на компаниите да се одговори на поголем проект. И инфраструктурата на самата индустрија е таква што компаниите се најчесто мали и средни и немаат голем капацитет за самостојно да одговорат на сите барања. Исто така интересно е и заедничкото настапување на проекти. Средбите се шанса да се создадат партнерства, да се дознае која компанија за какви инвестиции е подготвена и да се развива соработката. Имаме искуство и од заеднички настапи на саеми, а во најава се и соработки за развој на нови производи на компании. Оваа година за прв пат после подолго време имавме и национален штанд на саемот во Хановер, каде што настапија шест членки. Се надеваме дека и идната година ќе имаме повторно иста можност и дека ќе настапиме помасовно и поорганизирано. Настапот на саем е скапо и секоја компанија не може да си дозволи учество на повеќе од еден до два меѓународни саеми годишно. На саемите поретко се сретнуваме со менаџери за набавка туку почесто од со менаџери за продажба или маркетинг.  Ова е шанса да се закаже состанок со компанија на која сте и потребни и е многу поефикасен начин да се дојде до партнери.

Годинава настанот добива и регионална компонента. Кажете ни кои беа причините за ваквата одлука?
Регионалната компонента е воведена е од повеќе причини. Регионот е историски, а индустријата е најмногу развивана во поранешна Југославија, па некои фабрики и индустрии се така поставени што е природно да функционираат регионално. Од друга страна и како регион сме поинтересни отколку поединечно, бидејќи сме мали земји. Регионалното поврзување е важно и за сертификација или ангажирање на акредитирана лабораторија кои  се на илјада километри далечина од нас. На индустријата и се неопходни лаборатории и технолошки паркови.  За да се развива,  многу е важно регионалното  функционирање бидејќи пазарот не е доволно голем за секоја земја да развива самостојно. И на крај, целта е да се запознаеме, да соработуваме, да бараме партнери и кооперанти и меѓу себе.
Кои се најголемите предизвици и проблеми со кои се соочува металната и електро индустријата и кои можат да се надминат со овој тип настани и активности?
Првиот ден од настанот Macedonia Manufactoring Expo 2019 е предвиден за теми од производството. Ќе се стави акцент на финансирањето, особено како да се финансира иновативно производство,. Поканивме домашни и меѓународни претставници на институции и на приватниот сектор кои во еден панел ќе дискутираат за предизвиците како македонските компании да дојдат до иновативни производи, конкурентност и алатки за финансирање. Доколку се споредуваме со европските компании, една важна компонента на нашата конкурентност е цената на кредитите. Ние сме во понезавидна позиција, бидејќи европските фирми добиваат многу поповолни кредити.
Сметавме дека и логистиката е многу битен сегмент. Особено важни се модерните логистички компании кои ја поддржуваат индустријата со цел полесно движење на стоката и овозможување на соработка меѓу државите . Тој сегмент за Македонија сега е малку комплициран, споредено со земјите од ЕУ. На овој панел се поканети претставници од неколку земји од регионот, со кои ќе дискутираме како ќе треба да изгледа иднината.
Македонските компании, особено од металната индустрија, во континуитет се соочуваат е недостаток на кадар за развој на производи, за маркетинг. Состојбата е подобра во сегментот продажба. Маркетингот во овој тип компании е специфичен и не е предмет на алатки кои се познати, туку кои се посуптилни и специфични. На овој панел сакаме да дискутираме со успешни светски компании, кои добро котиртаат и го надминале овој проблем. Целта е да се споделат искуство за малите и средните претпријатија да станат свесни дека маркетингот е многу важен за да се дојде до странски партнер. Ќе зборуваме за lean manufacturing, јапонски метод како да се оптимизира производството, а да не се намали квалитетот. Панелот се организира во соработка со ЕБРД, кој почнува проект кој македонските компании ќе можат да го искористат за да добијат консултатнти за воведување на методот и да добијат финансиска помош од банката.
Германската асоцијација за набавка и логистика организира два панели. Едниот како да се влезе во глобалните ланци на добавувачи, а на вториот ќе се промовира обука за менаџери за набавка за мали и средни компании. Овие менаџери стануваат многу важни фигури во сите компании, а малите компании кои не се во можност да имаат таков менаџер ќе имаат убава можност да ја следат оваа обука.
Клучните предизвици во иднина секако ќе бидат во насока на тоа компаниите да бидат што пофлексибилни и подготвени. Најавата од  Германија за рецесија на автомобилската индустрија или трговската војна на Кина и САД, ни кажуваат дека мораме да бидеме подготвени да одговориме на брзите промени, а сметаме дека за македонските компании тоа е шанса. Мора да се соочиме со сите проблеми, како надминувањето на интерните процеси и предизвици на самите компании, финансиите, технологијата, развојот или отсуството на кадарот и да работиме на нивно надминување.

Како Претседател на МАМЕИ, кои се вашите лични очекувања од настанот и каква ви е визијата тој понатаму да расте, со оглед на тоа дека дава резултати и поттикнува интерес кај компаниите?
Се надевам дека настанот ќе има можност да расте, имаше голем интерес за Expo сегментот и се надевам дека следните години ќе можеме да го развиеме тој дел, особено моментот за меѓусебна соработка на компаниите. Се надеваме на поорганизирано и поголемо учество на саеми за оваа индустрија, барем на два саеми годишно, кои би биле помогнати и од државните институции. Сметам дека не е премногу скапо кога ќе се види важноста која ја има настанот за отварањето на регионот. Постои и регионален проект- иницијатива од официјалните стопански комори и во тој контекст го гледаме и развојот на оваа конференција, да доведе до директен раст и на македонските компании.
 

Сподели!
- Advertisement -