Google лансираше претплатнички сервис за апликации и игри на Android

- Advertisement -

Откако Apple неодамна претставии претплатнички сервис за видеоигри наменет за сопствените уреди, Arcade, неделава Google го најави лансирањето на сопствениот претплатнички сервис за Android. За месечен износ од 4,99 долари на корисниците ќе им бидат достапни не само игри, туку и апликации. Бројот на игри, односно апликации при лансирањето ќе изнесува повеќе од 350, а секој месец ќе бидат достапни нови содржини.
Сервисот веќе е достапен во САД, а до крајот на неделава ќе го има и на другите пазари. Промотивната цена за првата година изнесува 1,99 долари месечно, но само за корисниците кои ќе се пријават до 10 октомври. Иако концептот на сервисите на Google и на Apple е сличен затоа што за месечна претплата кориснците имаат неограничен пристап до содржини на кои нема реклами и нема купување во апликациите, сепак има големи разлики.
Претплатата на сервисот на Google, Play Pass може да се подели со пет членови на семејството. Понатаму, сервисот на Apple е исклучиво гејмерски, додека Play Pass вклучува и апликации, а за разлика од Arcade, Play Pass вклучува игри и апликации кои веќе се достапни на Google Play и нема некои ексклузивни содржини кои се достапни само за претплатниците.
Ако веќе сте купиле игри кои сега се дел од претплатничкиот пакет, по претплатата на Play Pass автоматски ќе престанат да се појавуваат реклами во нив и повеќе нема да можете да купувате дополнителни содржини.

Сподели!
- Advertisement -