Голем интерес и поддршка за одржлива  мода на првиот настан на Fashion Revolution Macedonia

- Advertisement -

 

Над 100 заинтересирани посетители дадоа свој придонес во кревањето на свеста за модна индустрија која подеднакво ги вреднува луѓето, животната средина, креативноста и профитот

Со разменување на облека и проекции на документарецот „True Cost“, кој ни ја доближува реалноста зад убавото лице на модниот свет и производството во модната индустрија, тимот на Fashion Revolution Macedonia, вчера го одржа својот прв настан во Јавна соба.
„Целта на денешниот настан е да започнеме со адаптирање на глобалното движење – Fashion Revolution, на локално ниво. Се одлучивме да организираме разменување на облека затоа што тоа е одличен пример за продолжување на животниот циклус на облеката и намалување на текстилниот отпад, воопшто. Од друга страна, со проекцијата на филмот ги едуциравме присутните за штетната страна на модата и последиците во однос на животната средина, луѓето и бизнисите.“, изјави Ана Јакимовска, координаторка на движењето во Македонија.
Со организирање на ваков тип настани, членовите на движењето сакаат да покажат дека секој мал чекор е придонес за поголема етичност во модната индустрија и намалување на загадувањето на животната средина.
„Многу сме задоволни од тоа како помина првото претставување на Fashion Revolution Macedonia во Скопје. Сакаме да ги поттикнеме луѓето да станат одржливи модни потрошувачи. Еден од начините е токму размената на облека. Имавме многу донирани парчиња што е позитивно, но сепак треба повеќе да се поработи на негување на духот на размена и фактот дека на тој начин го продолжуваме векот на гардеробата“, истакна Ирина Тошева, модна дизајнерка и член на Fashion Revolution Macedonia.

По завршувањето на настанот, Fashion Revolution Macedonia се отворени за нови членови од секоја област и ќе работат на нови случувања. Голема благодарност до Јавна соба, „Џолев и уметностите“, како и сите медиуми и индивидуи кои го поддржаа првото претставување на светското движење во Македонија.
Fashion Revolution Macedonia е дел од глобалното движење Fashion Revolution. Веруваме во модна индустрија која подеднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Ја славиме модата, но истовремено сакаме да ја подигнеме свеста за најгорливите проблеми, да покажеме дека промената е можна и да ги охрабиме сите засегнати страни во создавање на поголема одржливост и етичност во модната индустрија.
Фотографии: Стефани Христов

Сподели!
- Advertisement -