Големи придобивки од можноста за електронско пријавување на сезонските работници

- Advertisement -

 
Традиционално, како една од клучните стопански гранки во регионот, земјоделството во голема мера се потпира на ангажманот на сезонски работници. Меѓутоа, работодавачите се соочуваат со проблеми во ангажирањето работници поради недостаток на работна сила и сложената администрација која е неопходна со цел сезонската работа да се пренесе од сивата зона на легален пат. Од друга страна, работниците се соочени со неизвесност во поглед на условите на работа, исплата на дневници, можни повреди, а, бидејќи често не се пријавени, земјоделските работи главно се одвиваат без здравствено осигурување и заштита на работа. Податоците со кои располага Националната алијанса за локален економски развој (НАЛЕД) во Србија, покажуваат дека пред спроведување на реформата за поедноставување на пријавувањето на сезонските работници, околу 95 отсто од сезонските работници во земјоделството работат „на црно“, без каков било договор, што значи дека не ги остварувале правата кои произлегуваат од работниот однос.
Како една од мерките за заштита на правата на работниците, олеснувањата за почитување на законските рамки за работодавачите и борбата против сивата економија, во Србија, на почетокот на оваа година е воведен системот за е-регистрација на сезонските работници во секторот земјоделство, чие спроведување го поддржа ГИЗ во име на Владата на Сојузна Република Германија во соработка со НАЛЕД. Системот на електронско пријавување на сезонците овозможи бројни погодности за сите три страни, работниците, работодавачите и државата, преку поттикнување на поефикасно ангажирање на работна сила, понатамошен развој на земјоделството и вкупен економски развој на земјата.
Работодавачите кои имаат фирми или приватни поседи, сега можат да ги пријавуваат работниците во само неколку чекори на онлајн платформата sezonskiradnici.gov.rs. Достапни им се и видео упатства и мобилната апликација Сезонски работници, креирани со цел на корисниците да им ја олеснат употребата на овој сервис. Електронскиот систем овозможува сигурност за работниците бидејќи им се уплаќа пензиски стаж и здравствено осигурување во случај на повреда на работа, а на работодавачите им дава едноставна можност да ги пријават работниците за помалку од 10 минути. Од почетокот на 2019 година до средината на август преку овој систем се регистрирани над 20 илјади работници со 480.000 пријавени работни денови и 1,2 милиони евра уплатени даноци и придонеси во државниот буџет.
Една од фирмите која во своето работење почна да го користи новиот систем е „Чалма“ од Сремска Митровица која се занимава со одгледување на житарки. Нивното досегашно искуство ја покажа големата предност на е-регистрација на работниците во однос на работниот ангажман регулиран со договор во пишан облик. „Порано имавме многу проблеми со пријавувањето на сезонските работници, бидејќи сезонската работа не беше препознаена како посебен облик на вработување. Моравме да користиме други видови ангажмани на работниците на одредено време, што пак бараше многу административна работа. Системот за електронско пријавување значително ни ја олесни работата. Главна предност на овој систем е едоноставната употреба и можност да на дневна основа се пријавуваат и одјавуваат сезонските работници во согласност со потребите на работата и на овој начин списокот на пријавени лесно се коригира и имаме увид во состојбата на терен во секој момент“, истакна директорот на оваа фирма, Горан Цикуша.
Слично искуство има и земјоделското претпријатие „Граничар“ од Шид, кое се занимава со овоштарство. Маја Лукиќ, раководител на кадровско-персоналната служба на ова претпријатие, задолжена за пријавување и одјавување на сезонските работници, смета дека најголемата предност на е-регистрацијата е брзината на процесот кој може да се заврши и за половина минута, како и пониските трошоци за даноци и придонеси во однос на досегашниот стандарден вид на административно пријавување.
Работодавачите, со само неколку кликови,  со внесување на единствениот матичен број на работникот, датумот од кој работникот ќе биде ангажиран и селектирање на видот на работата, на легален начин можат да обезбедат помош во земјоделските работи. Покрај правните субјекти, системот можат да го применуваат и физички лица.

Е-регистрацијата донесе и многу предности за работниците, кои имаат загарантирана минимална заработка, осигурување во случај на повреда на работа и пензиски стаж. Притоа, иако дополнително ангажирани во текот на сезоната, не ги губат правата на невработени лица ниту пак некои други видови на остварени придобивки. Бидејќи за време на извршувањето на сезонската работа работникот не се брише од евиденцијата на невработени, не запира ниту исплатата на парична надокнада од Националната служба за вработување, или пак тоа на каков било начин влијае на користење на правото на парична социјална помош.
Работодавачите потврдуваат дека и тие и работниците се подеднакво задоволни со ефектите на примена на електронскиот систем. Според податоците на фирмите кои зедоа улество во програмата, работниците порано сами одбегнуваа да бидат пријавени, поради компликациите околу повторното пријавување на бирото за вработување и фондот за пензиско-инвалидско осигурување.
Ефикасноста на електронскиот систем на регистрација се гледа и во тоа што работниците многу едоставно, со мобилен телефон, во секој момент можат да проверат дали се пријавени, кој работодавач ги има пријавено и за кој временски период.
Во Националната алијанса за локален економски развој истакнуваат дека системот за е-регистрација претставува важен чекор во дигитализацијата на јавната управа бидејќи овозможува и побрзо поврзување на работодавачите и лицата со бараните вештини. Националната служба за вработување (НЗС) води електронска евиденција на сезонските работници, на основа на податоците кои ги добива директно преку порталот sezonskiradnici.gov.rs. Тоа значи дека работниците кои работодавачите ќе ги ангажираат, на овој начин автоматски влегуваат во регистарот на сезонски работници, заедно со информацијата за кој вид работа биле ангажирани. Исто така, во евиденцијата за сезонски работи во НЗС, на сопствено барање можат да се запишат и лица кои се заинтересирани за извршување сезонски работи, со внесување на лични податоци и податоци за обученост и искуство во сезонски работи. Според статистичките податоци, во Србија сезонските работници најчесто се ангажирани за берење овошје, подготовка на земјиште, садење, сеење, жетва и чистење, лупење, сортирање, пакување и складирање на овошје и зеленчук.
Ефектите од воведувањето на овој систем во Србија се од големо значење за државата и буџетот и се дел од широкиот фронт за сузбивање на сивата економија. Според податоците со кои располага НАЛЕД, на овој начин се уплатени повеќе од 300 илјади евра данок и над 900 илјади евра придонеси во буџетот на Република Србија. Анализата на досегашната ефикасност на електронскиот систем покажува дека предностите од неговата римена се гледаат во тоа што стопанството има пониски административни и финансиски трошоци, а државата доби уреден систем, ефикасна контрола и наплата, пониска стапка на сива економија и поголема вработеност и пониски приходи.
Позитивните ефекти од електронскиот систем за пријавување на сезонци во земјоделството веќе се видливи, а прилагодливоста и едноставноста на употребата на системототвора можност за примена и во другите земји од регионот. Токму затоа, во соработка со експерти и државните институции, со поддршка на германската Влада која ја спроведува ГИЗ, преку истражување на пазарот, се знализираат можностите за примена на системот во Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово. Имајќи ја во вид потребата на различните сектори од сезонски работници во целиот регион, решението кое Србија го воведе, може да претставува пример на добра пракса во правец на унапредување на положбата на сезонците и поефикасен систем за нивна евиденција на пазарот на труд, што пак ја олеснува работата на работодавачите и севкупно придонесува за унапредување на стопанскиот амбиент.

Сподели!
- Advertisement -