Македонската иновативна апликација Challenger која наградува за пешачење и возење велосипед ќе го освојува Балканот!

- Advertisement -

Да живеете здраво, а за тоа да бидете и наградени. Токму тоа е целта на македонскта апликација Challenger која годинава победи на натпреварот за зелени бизнис идеи на АРНО и освои прво место на Balkan Green Foundation. Апликацијата го брои и вреднува секој километар што ќе го изминеме, без да користиме автомобил и да го загадуваме воздухот.

- Advertisement -

Животот во еден од најзагадените градови во светот ги мотивирал младите ентузијасти и вљубеници во здравиот начин на живот, Теодорa Чижбаноска, CEO и Business Analyst, Стефан Алексиќ, Front-end Developer, Олга Рајчиќ, Community Outreach и Митко Орцев, Back-end Developer, да развијат апликација со која ќе бидат дел од решението на проблемот со големото загадување на Скопје. Тоа ги поттикнало зад една апликација да ги обединат сите кои се грижат за животната средина, но и да ги наградат за нивниот труд.

За идејата, нејзиниот развој и идните планови за Challenger, соговорник ни е Олга Рајчиќ. Таа најавува дека апликацијата за македонските клиенти ќе биде готова идниот месец, а следната година се подготвува и балканска верзија.  

- Advertisement -

Олга, објаснете ни каква апликација е Challenger? Како дојде до идејата?

Challenger е првата македонска мобилна апликација која сака да направи регионално влијание преку наградување на луѓето кои пешачат или се движат со нивниот велосипед по локалните улици. Со нас, секој поминат километар пеш или на велосипед – се брои и вреднува. Колку повеќе километри пешки или на велосипед, толку повеќе Challenger поени кои подоцна носат попусти и награди во локалните бизниси. Дополнително, Challenger поставува предизвици и со нивно успешно исполнување, корисниците ќе можат да добијат директни награди. Благодарение на Challenger сите се натпреваруваме и меѓусебно се мотивираме, а со тоа создаваме подобро општество и животна средина. Едноставно сакаме да ги мотивираме луѓето да бидат дел од решението за аерозагадувањето, а не негови причинители. Токму идејата за промени е тоа што го спои нашиот тим на Startup Weekend Skopje 2018, каде се создаде и тимот на Challenger. До денес покрај секојдневните обврски, ние полека ја градиме и создаваме апликацијата која треба да се лансира во ноември.

- Advertisement -

Како функционира аплиикацијата и за кого е наменета?

Challenger e апликација за сите кои сакаат да добијат некоја награда за своите поминати зелени километри, пеш или на велосипед. Ние сакаме да ги предизвикаме нашите сограѓани, независно дали се млади, студенти, родители, возрасни, активисти, оние кои се движат, кои се активни, кои сакаат да бидат промената во ова општество, или се оние на кои им недостасува поттик да поминат километар повеќе, оние кои сакаат да бидат наградени, но и за онаа група на луѓе кои се веќе наши локални еко супер херои.

Суштината на апликацијата е дека секој километар е важен. Зелените километри корисниците ги заменуваат со кодови за попусти или пак за бесплатни производи/услуги и тоа е наградата за нивната заложба и борба за почист воздух, за намалување на секојдневниот сообраќаен метеж, но и за нивниот пример пред сограѓаните дека жителите на Скопје мора да ги менуваат навиките и средствата за транспорт.

Кои се конкретно придобивките за корисниците кои ќе сакаат да ја користат апликацијата?

Корисниците на Challenger на многу едноставен начин ќе можат да освојуваат награди од локалните бизниси или попусти за производите и услугите на тие бизниси. Ова се најочигледните – директни придобивки, но ќе има и многу други. Пешачењето и возењето велосипед позитивно влијаат на здравствената состојба и на расположението на човекот. Дополнително, со воведување на натпревари, ние ќе го вреднуваме и признаваме трудот на секој корисник и ќе создаваме „општествено одговорен“ натпревар. Кога корисниците победуваат, всушност победуваме сите. На овој начин, сметаме дека најголемата придобивка, која сите заедно ќе ја уживаме, е подобро општество.

Се надеваме дека сите погоре споменати придобивки ќе ни помогнат да привлечеме што поголем број корисници, кои ќе ја симнат и користат апликацијата и нејзините предности. Со помош на корисниците ќе се трудиме да поставуваме интересни предизвици, но и награди кои дополнително ќе ги мотивираат што повеќе да ја користат. Исто така, се стремиме да ја направиме Challenger лесна за користење, бидејќи знаеме дека и тоа е многу важно и пресудно за успехот на една апликација.

Challenger тимот

Кога можеме да ја очекуваме апликацијата подготвена за симнување и користење?

Работиме со полна пареа на Challenger. Веќе ја тестираме осмата верзија во круг од 25 луѓе, а во подготовка е новата тест-верзија. Истовремено разговараме со партнерски организации и контактираме локални фирми. Нашиот план е да лансираме затворена бета-верзија во ноември. Сакаме да ги поканиме луѓето кои веруваат во Challenger да го остават својот мејл на challenger.mk за да бидат првите кои ќе ја имаат апликацијата.

Вашата апликација беше еден од победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи на АРНО. Каков поттик беше ова признание за вас?

Кога го освоивме првото место на националниот натпревар за зелени бизнис идеи на АРНО бевме пресреќни. Јас и Теодора бевме на тоа сесија за презентации (pitching session) и со нетрпение ги очекувавме резултатите. Кога соопштуваа ги приклучивме онлајн Митко и Стефан, за да слушнат. Тоа беше моментот кога добивме сила да продолжиме. Потоа следуваа и подготовките за регионалниот натпревар, што ни беше голем товар бидејќи требаше да го оправдаме првото место во Скопје. Конкуренцијата беше невистина сериозна, имаше одлични иновативни идеи и инспиративни приказни од целиот регион. Кога прогласија дека Challenger го освои првото место на Balkan Green Foundation во конкуренција со регионални бизнис идеи, тоа беше најголемото признание на нашата работа и нѐ мотивираше да продолжиме.

Кои се вашите идни планови, во кој правец ќе се развива апликацијата? Работите ли и на други проекти?

Идната година сакаме да започнеме со освојување на соседните Балкански пазари и да ја развиваме Challenger и во другите држави. Полека го спремаме и Challenger 2.0, но за тоа на некоја следна средба.

Сподели!
- Advertisement -