Превозниците бараат целосна дигитализација на граничните процедури

- Advertisement -

Забрзувањето на протокот на стоката со олеснување и поедноставување на процедурите на границите за превозниците е клучно за да може патниот транспорт да има вистински придонес во развој на економијата и животот на луѓето. Главни заложби на транспортните асоцијации во таа насока се елиминирање на „црвените ленти“ за превозниците, укинување на тарифните бариери, визните режими, исфрлањето на документите и дигитализацијата на процедурите и соработка со властите за осовременување на сите транспортни процеси.

Ова се пораките од Генералното собрание на Унијата на патни транспортни асоцијации од црноморскиот регион, што се одржа во Скопје во организација на транспортната асоцијација „СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ“.
– Најголеми проблеми има со чекањето на граничните премини, со по 20-километарски колони. Воведена е дигитализација на царината, а друга мерка е заедничкото гранично управување со Србија. Дадовме сугестии да се овозможи таков проток на стока и со Албанија. Генерално, кога би се исфрлиле документите и кога сѐ би било дигитализирано, целиот процес на движење на транспортерите би бил побрз – изјави Лефтер Андоновски, претседател на АМЕРИТ, која е дел од полноправните членки од регионот во Унијата на патни транспортни асоцијации од црноморскиот регион.

- Advertisement -

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, истакна дека патниот транспорт има големо учество во креирање на бруто-домашниот производ и оти е неопходно да се создаваат услови за негово подобрување. Во голем дел, како што рече, сме усогласени со европската легислатива во лиценцирањето и сертифицирањето на центрите за обука и во сертификацијата на возачите.

– Имајќи предвид дека сме усогласени и со регулативата за работното време за возачите што поседуваат дигитални тахографи пред нас стои нов предизвик. Оваа година во земјите во ЕУ почна користење на паметни тахографи. Ние сѐ уште немаме обврска да го користиме тој тип тахографи, но мораме да се подготвиме за новите дигитални времиња и полека да се усогласиме со европската регулатива – нагласи Сугарески.

Сподели!
- Advertisement -