Извршната директорка на Адора инженеринг, Драгана Д. Чифлиганец, ја доби престижната интернационална награда „40 под 40“, што на успешната европска елита на млади, водечки бизнис лидери, им беше доделена во Амстердам од Bussines Elite Awards. Сите наградени 40 млади лидери под 40 години од 10 држави во Југоисточна Европа и Македонија се согласија вмрежени заедно да делуваат за подобрување на општество во иднина.
„Ексклузивното признание „40 под 40“ е уште една потврда дека посветената работа, амбициозноста и премостувањето на сите препреки и граници во професионалниот развој, се препознаваат и наградуваат, што е сатисфакција за постигнатото и поттик за натаму. Во времето и условите во кои живееме и делуваме, настани како Bussines Elite Awards, се отворен прозорец кон светот на неограничените можности за успех. Од големо значење за бизнис заедницата во Македонија и регионот е вмрежувањето на 40-те млади бизнис лидери од Југоисточна Европа во елитниот бизнис „Executive Club“, и поставувањето нови параметри на комуникација и соработка со најуспешните бизнис лидери од светот, со иста цел, изградба на подобро општество“ изјави д-р Драгана Д. Чифлиганец, која порача дека младите успешни луѓе низ своите бизнис и општествено корисни ангажмани треба да му возвратат на општеството и да ги споделуваат успесите, за подобра иднина.
„Гала свеченоста во историската зграда Huis Bartolotti во срцето Амстердам, каде за прв пат беа доделени 40 статуетки на најуспешните млади бизнис лидери под 40 години од регионот, имаше цел да се даде признание и стимулација на нашиот бизнис сектор да расте и да фати чекор со поразвиениот свет, преку вмрежување и развој на блескави кариери и успешни бизнис приказни“ порача д-р Виктор Ѓорѓиески, регионален директор на Bussines Elite Awards за Југоисточна Европа.