Споделуваме 5 заклучоци од конференцијата “Бизнис раст со е-трговија”

- Advertisement -

Под мотото „Бизнис раст со е-трговија“, во петокот во хотел „DoubleTree by Hilton“ во Скопје се одржа Втората годишна конференција за е-трговија на која присуствуваа повеќе од 450 учесници од преку 151 компанија, 13 организации и неколку владини институции и факултети, а свое излагање и учество имаа триесетина еминентни говорници од земјата и странство. Дека интересот за настанот беше голем говори фактот дека картите беа распродадени неколку дена пред почетокот.

- Advertisement -

Темата на овогодинешната конференција беше презентирана преку ексклузивно истражување и мапирање на е-трговијата во земјата, панел дискусии и главни презентации кои го потврдија потенцијалот на е-трговијата, како и фактот дека оваа гранка навистина може да биде двигател на растот и развојот на бизнисите и да ги исполни, па дури и надмине очекувањата на сопствениците. Се дискутираше и за соодветно управување со е-трговијата како значаен канал за продажба со главен фокус на модерниот потрошувач и неговите навики како и на лесно достапните маркетинг алатки со кои најлесно и најефективно се стигнува до резултати. 

Во продолжение, петте клучни заклучоци од конференцијата: 

- Advertisement -
  1. Е-ТРГОВИЈАТА БЕЛЕЖИ КОНТИНУИРАН РАСТ: Раст на е-трговијата во првото полугодие во 2019 од 26% споредбено со истиот период во 2018

Во првата половина од 2019 година македонците потрошиле 84 милиони евра онлајн, а споредбено со тој период во 2018, тоа е пораст од 26%. Пораст од 23% се бележи и во бројот на онлајн трансакции или околу 600.000 онлајн трансакции повеќе споредбено со истиот период за 2018 година. Особено радува фактот дека се зголемува и процентот на нарачки кон домашни онлајн продавници во однос на нарачките од странство. Па така, оваа година истиот е 40%, каде имаме прикажан раст од 4% во нарачки кон домашни е-трговци. Тоа значи дека се подобрува понудата во е-трговијата, а со тоа и нашите сограѓани се повеќе се одлучуваат за онлајн шопинг од локалната понуда. Како дополнителен доказ за раст на интересот за е-трговијата може да послужи и посетеноста на оваа конференција, која лани имаше 370 учесници, а годинешнава конференција забележа повеќе од 450 учесници. 

- Advertisement -

2. НАМАЛУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНИ ПРОЦЕДУРИ: Владата подготвена да излезе во пресрет на е-трговијата

Со назначувањето на д-р Нина Ангеловска на чело на Министерство за финансии, која доаѓа на тоа место од еден од најуспешните бизниси поврзани со е-трговија во земјата и е една од главните виновници за формирањето на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, се преземаат и развиваат конкретни мерки за подобрување на состојбата на е-трговијата како намалување на сивата економија и олеснување на административните процедури. Директорот на Царинска управа, г-дин Ѓоко Танасоски, на конференцијата исто така ја потврди и поддршката која Царинска управа, воедно и почесен член на АЕТМ, ја дава за развој на овој сегмент од индустријата преку дигитализација на своите процеси, едукација на вработените, а г-дин Дамјан Манчевски, Министер на МИОА, ја истакна потребата и од сеопфатна едукација на граѓаните со цел поголема пенетрација на онлајн плаќањето во секојдневниот живот. 

3. ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА Е НЕИЗБЕЖНА: Дигиталната трансформација е достапна за секој

Една од главните теми кои поттикнуваат и се виновници за најголем раст во денешницата во бизнис секторот е токму дигиталната бизнис трансформација – процесот на промена на организацијата од традиционален пристап во нови начини на работење и размислување користејќи дигитални, социјални, мобилни и развојни технологии. Преку неколку концепти како и конкретни примери за дигитализација на свои услуги и продукти од страна на А1 Македонија, на конференцијата се истакна дека дигитализацијата е неизбежна – од фамилијарни компании, мали фирми, стартапи па се до организации и корпорации мора да се адаптираат на новите навики на потрошувачите кои се повеќе се осврнуваат на користењето на технологијата. Е-трговијата тука игра значителна улога бидејќи нејзината природа е токму користењето на технологијата и бенефитите кои ги нуди. 

4. БИЗНИСИТЕ МОРА ДА СЕ ПРОАКТИВНИ: Отворањето на онлајн продавница е многу повеќе од само правење на сајт

На овогодинешната конференција неколку пати беше посочено дека за да една онлајн продавница биде успешна и има задоволителен број на продажби, треба самиот бизнис да наметне проактивен став во работењето во што повеќе области, од креирање на понудата, едукација на потрошувачите, проактивно барање на алтернативи на проблемите со поштенските услуги, инвестиција во правилни маркетинг алатки, па се до создавање и одржување на ефикасен тим и човечки ресурси кои ќе стојат зад самиот онлајн бизнис. На конференцијата се дискутираше и за тоа како бизнисите треба да вложат во промотивни канали и алатки како оптимизација за интернет пребарувачи (SEO) со цел зголемување на органски посети, тестирање на концепти во дизајнот на сајтот со A/B тестирање и поставување на организациска структура на бизнисот и ресурсите кои ќе ја поддржат динамичноста на е-трговијата. 

5. Е-ТРГОВИЈАТА ОТВАРА ГЛОБАЛНИ ГРАНИЦИ: И од Македонија се може!

Гео-локацијата на земјава е доста интересна во поглед на глобалната мапа на е-трговијата, особено земајќи го фактот дека Македонија е блиску до неколку меѓународни пристаништа и центри за испорака, истакна во својата презентација Scott Rafer, ветеран од Силициумската Долина со 25 години искуство во социјални медиуми и е-трговија. Свои примери и искуства за глобална експанзија и освојување на глобални пазари споделија и македонските стартапи EmbedSocial и Pixyle.ai, а дека нови прекуокеански пазари можат да се освојат и со добра идеја во е-трговијата потврди Марко Илиќ од Србија, со својот dijaspora.shop – кој таргетира српски иселеници низ светот кои имаат потреба да купат нешто кога доаѓаат во Србија или пак да купат подароци за своите семејства и пријатели.

Сподели!
- Advertisement -