Министерство за внатрешни работи и Министерство за животна средина, заедно со инспектори, денеска на координативен состанок во Влада се доворија заеднички да настапуваат против аларматното загадување. Најавија казни и кривични пријави против загадувачите кои ќе бидат фатени на дело.
Првите луѓе од ресорите за екологија, полиција, земјоделство и шумарство велат дека итно ќе се мобилизираат сите надлежни државни и локални инспектори, со цел 24-часовна покриеност на терен. Исто така, дека ќе се прават вонредни контроли за проверки на филтрите на фабриките, но и контрола на градежната прашина.
Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, нагласи дека дополнително ќе се интензивира соработка со локалните самоуправи, општинските инспекциски служби и граѓанските организации.
„Гасификацијата е нашата долгорочна стратегија, а на краток рок, ќе ги спречуваме поединците да подметнуваат пожари. Проверките продолжуваат во инсталациите за дозвола А и Б за ефикасност“, рече Нуредини.
Нуредини, меѓу другото, тврди дека се започнати активности и за акредитација на лабораторијата на МЖСПП, процес кој би завршил во првата половина на 2020 година. Тоа е лабораторијата за која Радио МОФ уште во март пишуваше дека државата не издвојува пари. Ако не се акредитира, таа е неупотреблива, односно, надлежните немаат можност да ги потврдат мерењета на операторите од еден од најзагадените градови во Европа.
Околу најавените акции, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес уверуваше дека во секој од тимовите ќе има и полициски службеник, за помош и асистенција. Тоа, според него, е потребно за да можат да се легитимираат луѓе. Тврди дека ќе се следат и индустриските стандарди, но и сите потенцијални загадувачи.
„Не треба да ни смета само кога некој друг пали огин или недозволени работи, туку тоа да не го правиме и самите ние, затоа што ќе има силна и жестока реакција од институциите. Се’ со цел да се намали трендот на палење на шуми, на отпад, на несоодветно депонирање на отпад…“, рече Спасовски.
Неказнивоста кон загадувачите неодамна беше критикувано од О2 Иницијатива. Повисоки казни побара и Никола Бертолини од ЕУ делегацијата, откако Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина го претстави за успех тоа што ги намалиле казните за 75% годинава.
Според еко-активистите, менталитетот нема да го оправиме со прогледување низ прсти за криминалот што и’ се прави на природата и врз животите на граѓаните.
„Параспуров од држава, без високи казни и конечно понесување на одговорност, инаку нема абер да се среди. Ќе ни владее корупција, криминал и мафија, а од држава ни Д нема да ни остане. Веќе сме таму“, забележаа од О2 Иницијатива.
МЖСПП, пак, деновиве конечно ги усвои измените на проблематичниот правилник со постар датум. Тој беше со контрадикторни одредби кои во голема мерка го блокираа ефикасното постапување на инспекторите за животна средина. Ова важеше посебно кон помалите загадувачи со печки до 1 мегават, чии емисии досега се утврдуваа врз основа на т.н. чаднокатрански број. Тоа е застарен метод за емисии во воздухот, па инспекторите се бунеа дека им се врзани рацете.
„Иницијативата за измена на правилникот ја поднесовме до Министерството уште минатиот декември бидејќи бевме соочени со практични проблеми при работата на терен“, изјави Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на Град Скопје.
Согласно Правилникот ќе се казнуваат оние сопственици на печки кај кои инспекцијата ќе измери недозволиви емисии на јаглерод моноксид и на азотни моноксиди.
Проблем е и тоа што досега јавноста е исклучена од процесите на инспекторирање. Радио МОФ истражуваше дека на јавноста не и се достапни записници од извршени надзори во капацитетите. Не се знае кој и кога е инспекториран, туку во годишните извештаи се прикажани само голи бројки, пример дека во 2016 година имало 2.387, а во 2017 година – 2.451 записници од надзори, за сите области, во цела Македонија. Во 2016 се евидентирани 23 барања за прекршочна, без ниту едно за кривична постапка. Во 2017 – 24 за прекршочна и едно за кривична постапка. Само бројки, без имиња.
Во тие две години имало 0 (нула) пријавени неправилности за работата на инспекторите.
Инспекторите на Град Скопје во 2016 и 2017 година не напишаа ниту една казна за т.н. „Б индустрија“. За 2016 година, вкупно имаат 23 записници, а следната биле поажурни со 37 записници од надзори на над триесетина Б-инсталации. Од Град Скопје рекоа дека не се во можност да ги достават записниците, повикувајќи се на Законот за заштита на лични податоци.
www.radiomof.mk