Кинеските власти одобрија нов лек за лечење на Алцхајмеровата болест, кој е првиот лек за потенцијално лечење на тоа когнитивно пореметување во последните 17 години. Новиот лек за Алцхајмеровата болест се вика „олигоманат“ и станува збор за лек базиран на морска трева, а може да се користи за лечење на слаби до умерени симптоми на Алцхајмерова болест.
Меѓутоа, одобрението на кинеските власти е условено, односно лекот може да се најде во продажба во текот на фазата на дополнителни клинички испитувања, но ако се утврди каков било ризик од неговото користење, останува можноста за моментално повлекување од пазарот.
Кинеските научници добиле инспирација за лекот од морска трева поради ниската појава на таа болест кај луѓето кои редовно ја консумираат. Во студијата која ја објавија научници од Шангај е опишано дека шеќерот кој го содржи морската трева го спречува функционирањето на одредени бактерии во цревата кои можат да предизвикаат неурална дегенерација и воспаление на мозокот, што, пак, може да доведе до развој на Алцхајмерова болест.
Тестирањата спроведени на 818 пациенти покажале дека „олигоманат“, кој е направен од кафеави морски алги, статистички ја подобрува когнитивната функција кај луѓето кои имаат Алчцхајмерова болест во период од само 3-4 недели. Наводно, лекот ќе биде достапен многу набрзо, а третата фаза од клиничките тестирања во Европа и во САД треба да започне во првата половина од 2020 година.