Во Австралија беше развиен револуционерен материјал за изработка на костими за сурфери кој ќе ги заштити од смртоносните напади од ајкули. Новиот материјал отпорен на ајкули е направен од естрацврсти пластични влакна кои се исткаени низ материјалот за да го направат поцврст и да не може низ него да продрат забите на ајкулите.
Тимот научници од Универзитетот Флиндерс во Јужна Австралија тестираа два вида материјали кои се комбинација од цврсти, но лесни влакна и материјалот неопрен кој се користи за костимите на сурферите. Новиот материјал е поотпорен на каснување отколку обичните костими и може да ве спаси дури и од напад на големите бели ајкули.
Тие материјали биле тестирани заедно со обични костими за сурфање на напади од големите бели ајкули, затоа што најголем дел од нападите во светот ги прават тие ајкули. Резултатите покажале дека новиот материјал може да обезбеди заштита од каснување на ајкула и може да се користи како дел од стратегијата за заштита од ајкули.
Истражувачите велат и дека благодарение на напредокот на технологијата за материјали може да се направи лесен алтернативен, но цврст материјал кој ќе се инкорпорира во традиционалните костими за сурфери.
Според официјалните податоци, во светот во 2018 година се случиле 66 непровоцирани напади од ајкули од вкупно 130 пријавени инциденти. Од нив пет завршиле со човечки жртви. Научниците велат дека ризикот од напад од ајкула се уште е низок и веројатноста за напад зависи од географската локација.
Истражувачите од Флиндерс го тестирале новиот материјал така што го поставувале на челични плочи со сензори. Исто така, го тестирале во лабораторија со механичко сечење, сечење со ласер и продупчување. Ќе треба да се направат дополнителни тестирања за штетата која може да ја нанесе ајкулата на човечкото тело кога се носи костим од овој материјал пред да почнат да се произведуваат костими за сурфање од него.