Промовиран порталот „Отворени финансии“

- Advertisement -

Од денеска пред очите на јавноста ставаме финансиски податоци за над дванаесет и пол милиони трансакции. Стандардите се поставени. Секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакцијата во рекордно време ќе биде јавно достапна за увид на сите во државата, соопшти Претседателот на Владата Зоран Заев на прес-конференција на која се промовираше веб платформата „Отворени финансии“.


„Отворање на трезорот и сите податоци во него, е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните. Со ова ниво на транспарентност и отчетност, граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на институциите и да согледуваат дали некоја институција форсира економски оператор или префрлува пари на едни исти физички лица за различни работи. Платформата „Отворени финансии“ во иднина ќе биде коректив на работењето на институциите и силна барикада за корупцијата, непотизмот и останатите неправилности кои ги среќаваме во институциите“, нагласи премерот Заев.

- Advertisement -


Министерката за финансии Нина Ангеловска потенцираше дека порталот „Отворени финансии“ е еден од клучните резултати од големата реформа на јавните финансии, во чија основа е транспарентноста со што заложбата на оваа Влада за транспарентно, ефикасно и ефективно управување со јавните финансии, станува реалност и претставува чекор напред на европскиот пат.


Во првата фаза е планирано на платформата „Отворени финансии“ да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основен буџет (министерства, агенции, управи итн.) и социјалните фондови, а во втората фаза ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локална самоуправа и нивните буџетски институции.

Сподели!
- Advertisement -