Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, Министерката за труд и социјална политика – Мила Царовска и Постојаната претставничка на УНДП во државата, Нарине Сахакијан потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу трите институции со кои што се одбележува соработката и формирањето на Младинскиот ресурсен центар.
Меморандумот беше потпишан во рамките на дводневната работилница „Младинско лидерство и партнерство за подобра иднина“, каде што преку интегрирана дискусија со учество на 50тина претставници од локалната заедница, млади, институции, бизнис секторот, невладиниот сектор,но и од локалните самоуправи од Полошкиот регион се дефинираа главните цели и аспекти на работењето на Младинскиот ресурсен центар.
„Младите невработени лица и нивната транзиција до вработување е еден од фокусите на Програмата за развој на Обединетите нации. Формирањето на Младинскиот ресурсен центар во Гостивар ќе служи како младински хаб за целиот полошки регион кој ќе понуди широк спектар на сервиси поврзани со младите и работодавачите. Во исто време, Центарот ќе биде и стимулативна средина за локалните старт – ап компании.,но и дополнителна поддршка за иницијативите поврзани со социјалните претпријатија.“ – изјави Нарине Сахакијан, Постојаната претставничка на УНДП во државата.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска го поздрави потпишувањето на меморандумот за отворање на Младински ресурсен центар во Гостивар и истакна: „Овој центар е од огромно значење за полошкиот регион и тој ќе биде од огромна поддршка на младите. Навистина сум изненадена колкав бизнис потенцијал има овој регион и тоа го гледам од спроведување на мерките и програмите од Оперативниот план за 2019 година. Од вкупно воспоставени 1484 бизниси од програмата Самовработување за 2019 година дури 350 се во полошкиот регион, или 38% од целокупната програма.“
„Драго ни е што имаме можност за поддршка на ваков тип на активности насочени кон младите, кои преку Младинскиот ресурсен центар ќе имаат можност да бидат креатори на сервиси и услуги фокусурани токму на нивните потреби.“ – истакна Стефано Томаџиан, заменик Амбасадор на Швајцарија.
Градоначалникот Арбен Таравари го истакна задоволството што токму Општина Гостивар е избрана за место каде што ќе профункционира ваков тип на Младински центар, со надеж дека ваквиот модел на младинска поддршка ќе може да се реплицира и во другите општини, но и во регионот.
Иницијативата е дел од проектот „Креирања можности за работа на сите“ кој се реализира од УНДП во парнерство со МТСП и АВРМ, а со поддршка на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ).