Осум тимови кои се натпреваруваат во ФинХакатон2 од денеска до недела ќе креираат иноивативна маркетинг стратегија за наградната игра МојДДВ#МојаНаграда.
Целта на #МојаНаграда е преку иновативни решенија да се влијае на граѓаните да земаат фискални сметки и со тоа да се намали сивата економија.
Пет месеци е во функција мобилната апликација МојДДВ и таа ги дава резултатите. Наплатата на ДДВ е зголемена, има 180.000 граѓани кои активно скенираат околу 8 милиони фискални сметки месечно, или на дневно ниво 230-250.000 сметки. Со наградната игра одиме чекор понапред, да го зголемиме бројот на корисници, како и на скенираните сметки, рече Ангеловска.
Таа посочи дека Европската комисија ги објавила најдобрите примери на земји кои се избориле со сивата економија преку наградни игри, и дека ваквата пракса почнува од 1960 во Тајван, каде направиле лотарија со сметки, по чие спроведување наплатата на данокот се зголемила за 30 отсто.
Директорот на ФИТР Јован Деспотовски истакнаа дека ФинХакатонот е одлична можност за младите да се афирмираат и да се развие кај нив претприемничкиот дух.
„ФинХакатон2“:МојДДВ,#МојаНаграда е наменет за маркетинг агенции и други домашни компании регистрирани согласно законот за трговски друштва, кои може да понудат иновативна маркетинг стратегија.
Од хакатонот треба да произлезе иновативна маркетинг стратегија за следните 12 месеци за брендирање, предлог концепт, дизајн, креатива, видео концепт, предлог за извлекувањата и прогласување на победниците за наградната игра “МојДДВ, #МојаНаграда”.
Буџетот за имплементирање на стратегијата за победничкиот тим ќе изнесува 2 милиони денари. Според планираното наградната игра МојДДВ#МојаНаграда ќе започне во декември.