Арсовска: Потребна институционална поддршка за позиционирање на македонските брендови

- Advertisement -

Македонските брендови тешко се позиционираат, мала e застапеностa на нашите производи на глобалните пазари, a истото се должи генерално на непостоење национална стратегија за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови. Поддршката на македонските компании кои како двигател на стопанството имаат развиено квалитетни производи и услуги, преку вложување во развој и градење на силни брендови, позитивно ќе се одрази врз севкупниот раст на националната економија, но и на промоција на Македонија како земја на потекло на препознатливи бренд производи. 

Согласно анализата на британската Brand Finance за 2019 година во топ 100 национално рангирањето на брендови по вредност, Македонија ја нема на листата. Од земјите во регионот Грција е на 57 место, Словенија на 60, Бугарија на 68, Србија на 76 место, а Хрватска на 78 место. 

- Advertisement -

Претседателот на Сојуз на стопански комори, Данела Арсовска во најава на неделата на Македонски квалитет 2019, истакна дека покрај тоа што компаниите треба да размислуваат за својот развој, економската политика во земјата е од големо значење за поддршка во градење на домашните брендови преку стратегија за настап на странските пазари, нивна индивидуална промоција како и спречување на поголеми нарушувања на пазарот од нелојална конкуренција.

На македонските производи индивидуално може да им се помогне во креација на уникатна додадена вредност, да се насочат на пазари каде можат да постигнат успех,  да им се помогне со нови технологии, што би ја зголемило продуктивноста, да се покрене кампања на препознатливост во земјата, регионот па глобално. Голем број производи наместо да се преработуваат кај нас, се извезуваат како суровини или полупроизводи и се продаваат како дел од препознатливи брендови на други земји. 

- Advertisement -

Причините за ваквата состојба се бројни, но главно се од финансиска природа, резултат на малиот пазар и малата економска моќ на компаниите да вложуваат во сопствениот бренд. Токму затоа, треба да се постават јасни цели, да се поддржат индивидуално компаниите кои имаат предуслови за развој на сопствениот бренд, преку таргетирање на овие компании, на пазарите каде треба да се пласираат производите, да им даде поддршка со информации за законската регулатива на земјата во која се извезува, за потрошувачите и конкуренцијата на тој пазар како и поддршка за пласман и позиционирање. 

Сојузот на стопански комори на Македонија предлага отпочнување со пилот проекти каде би се инвестирало во поединечни компании со голем потенцијал, кои можат да дадат резултати не само да се постигне раст на поединечна компанија и бренд, туку и Македонија да се мапира и да отпочне да се препознава како земјата на потекло на тие поединечни успешни брендови” истакна Арсовска.

- Advertisement -

Јакнење на домашните брендови значи и јакнење на националниот бренд како најважен капитал на секоја држава во денешниот глобален свет, кој ги промовира инвестициите, додава вредност на извозот и ќе не постави во иднина на ранг листите, како земја од која потекнуваат препознатливи и квалитетни бренд производи.

Сподели!
- Advertisement -