Кога станува збор за надзорот, безбедносните камери и технологиите како таа за препознавање на лице, сите на прво место ја ставаат Кина. Во земјата со најмногу жители во светот приватноста не се цени толку како во САД и особено во Европа, а како и секаде, големиот надзорен апарат се оправдува со потребата за се поголема сигурност и надзор над илегалните активности.
Оттука, не е тешко да се претпостави дека Кина има најмногу надзорни камери по жител во светот, а тие податоци се потврдени и на страницата посветена на компјутерската безбедност и надзор PreciseSecurity. На таа страница се објавени податоци за вкупниот број CCTV камери и бројот по жител. Според дефиницијата на таа страница, CCTV камерите се ТВ системи во кои сигналите не се дистрибуирани јавно, туку се следени првенствено со цел надзор и безбедност.
Според нивните податоци, Кина има инсталирано најмалку 200 милиони надзорни камери, што е далеку повеќе во споредба со останатите држави. Поточно, тоа е четири пати повеќе отколку што има САД, кои се наоѓаат на второ место по бројот на камери со инсталирани 50 милиони камери. Но, бидејќи во Кина има многу повеќе жители отколку во САД (речиси 1,4 милијарди наспрема 327 милиони), Америка е на прво место по бројот на иснталирани камери по жител. Имено, на 100 жители во САД има 15,20 камери, додека на 100 жители во Кина има 14,36 камери.
По вкупниот број на камери зад САД е Германија со 5,2 милиони камери, а листата со топ 5 земји според бројот на надзорни камери ја комплетираат Велика Британија и Јапонија со по 5 милиони камери.
Што се однесува на градовите со најмногу надзорни камери по бројот на жители, не е тешко да се погоди дека и на таа листа доминираат кинеските градови. На листата со топ 10 градови со најмногу камери само два града не се од Кина – Лондон, кој се наоѓа на шесто место со 627.000 камери и Атланта, САД, на десетто место со 7.800 камери. Неславното прво место припадна на Чонгинг со повеќе од 2,5 милиони надзорни камери, односно 16,80 по жител, додека Шангај е на трето место со 11,34 камери по жител, а вкупно 3 милиони надзорни камери.