Во државните и во јавните институции во Кина ќе се користи само кинески хардвер и софтвер, а жртви на таа политика ќе бидат американските компании како HP, Dell и Microsoft.
Доналд Трамп не сака американските компании да соработуваат со Huawei и со други кинески компании затоа што тие наводно претставуваат закана по безбедноста на САД, но кинеската влада подготви противмерки кои може да им нанесат голема штета на американските компании.
Имено, според кинеската директива, сите државни и јавни институции во Кина ќе мора да го заменат стариот странски софтвер и хардвер кој моментално го користат на компјутерите и другите уреди со производи “made in China”.
Секако, тоа нема да може да се направи преку ноќ, туку за целокупната замена на софтверот и хардверот ќе им бидат потребни три години. Така, планирано е во текот на 2020 година да се заменат 30% од хардверот и софтверот, во 2021 година 50%, а во текот на 2022 година преостанатите 20%.