Во свечена атмосфера, во присуство на бројни гости, министри, претставници на институции и на дипломатскиот кор, соработници, традиционално и годинава беа доделени десетте признанија за Македонски квалитет 2019 на националните бренд амбасадори.
Престижното признание за компаниите кои придонесуваат за развој на економијата и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и интернационално го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на претседателот нa државата.
Добитници на Признанијата се: Настел, Бе – Да Логистик, ФитоФарм, Бироком, Тифи Груп, Евросуровина ПА, Меѓународно училиште НОВА, Кривогаштани промет, Пакомак и АКУД Мирче Ацев.
Арсовска истакна дека Сојузот на стопански комори, години наназад го промовира квалитетот на домашните компании препознаен на интернационалните пазари, но она што недостасува е национална стратегија за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови.
„Успехот на секоја домашна компанија е национален успех. За пласман на домашните производи како земја треба да се стремиме кон освојување на нови пазари, што е главен предизвик за компаниите особено малите и средните. Евидентен е потенцијал кој го имаме, а не доволно го афирмираме и користиме. Имаме солидни компании, бројни уникатни претприемачки идеи со потенцијал за интернационално пробивање. Македонското традиционално творештво е афирмирално во светски рамки и има голема вредност како културно обележје на нацијата, да си поставиме нова заедничка цел Македонија да биде ставена на светската мапа по успешни национални брендови познати и признати на пет континенти“, изјави Арсовска. Комисијата составена од членови на кабинетот на претседателот на државата, согласно прецизно воспоставените критериуми и оваа година, внимателно ги селектираше македонските претставници кои имаат традиција во создавање и одржување на национален бренд. Оваа манифестација се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година, при што секоја година се доделуваат 10 признанија за македонски квалитет.
Признанијата ги доделија претседателот на Р. С. Македонија г. Стево Пендаровски, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија г-ѓа Данела Арсовска, како и претставници на претседателството на Сојузот.