Анѓушев: Образованието е клучен фактор за развој на економијата

- Advertisement -

Тоа го порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во обраќање на конференцијата „Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила”, што се одржа денеска во Скопје.

-За да можеме да ги решиме проблемите треба прво јасно и гласно да ги кажеме. Образованиот систем е еродиран со текот на годините, бидејќи повеќе бил систем сам по себе за да се задоволат потребите на образовните институции и апетитите на одредени факултети или средни училишта отколку што бил во функција на реалната економија. Последните неколку години општеството стана свесно за овој проблем и мислам дека се направија неколку чекори за подобрување на состојбите кои јас ги оценувам за првични. Сметам дека треба да одиме многу побрзо и подинамично во реформите на образованието, рече Анѓушев.

- Advertisement -

Едно од тие прилогодувања, посочи, е воведување поголем капацитет во средните стручни училишта и дуалното образование.

-Како држава од една страна имаме невработени, а од друга страна имаме потреба во економијата и индустријата која нема кој да ја задоволи, односно дисбаланс на тоа што е понуда на пазарот на трудот и она што е потреба на реалната економија. Дисбалансот е создаден воглавно во образовниот систем зошто во последните 20 години сме продуцирале премногу гимназиски средни училишта и премногу факултети што се непотребни и како држава сме дале акредитации на универзитети кои генерираат кадри кои нема кој да ги апсорбира, потенцира Анѓушев.

- Advertisement -

Министерот за образвание и наука Арбер Адеми, пак, рече дека не бива стручно образвоание без вклученост на бизнис заедницата зашто кадрите кои се продуцираат од средните стручни училишта се наменети за сотпанството, за пазарот на трудот, за бизнис заедницата и за општеството.

-Само така можеме да дадеме наш придонес кон целокупниот општествен економски напредок на државата. Без вклученост на бизнис заедницата тоа не можеме да го направиме. Среќен сум што во последниот период направивме добро партнерство со бизнис заедницата во смисла на конципирање на реформата поврзана со средното стручно образование, рече Адеми и додаде дека реформата за четиригодишното средно стручно образоване е направена со вклученост на бизнис заедницата во текот на целиот процес.

- Advertisement -

Тој ги повика претставниците на бизнис заедницата да покажат уште поголема иницијативност и поголем  ангажман за создавање партнерство со училиштата и за прифаќање на ученици на практична работа на рабтни места, како и за придонес за градењето на компатенциите на учениците. Побара да се вклучат и во дефинирањето на нов модел на финансирање на средните стручни училишта и изнаоѓање на нови дополнителни извори на средства.

Конференцијата „Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила” е дел од Проектот за образование за вработување во Македонија, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, што го спроведуваат Хелветас, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија.

MИА

Сподели!
- Advertisement -