Банкарската групација Goldman Sachs пред некој ден ги најави своите планови да инвестира во проекти кои се борат против климатските промени и дека финансиски ќе им помага на луѓе кои се во тешка социјална или финансиска состојба.
Банката од Волстрит си постави навистина амбициозна цел од 750 милијарди долари за тие инвестиции. Бројката е мешавина од заеми, советодавни услуги и инвестиции во проекти во кои Goldman ќе биде вклучена до 2030 година. Банката ќе има улога на банка или на посредник кај компаниите и проектите фокусирани на обновлива енергија, одржлив транспорт, финансиски достапно образование и неколку други области. Goldman исто така воведе забрана за финансирање активности поврзани со ископување нафта или јаглен.
Овој потег на банката следува после притисокот од активисти и некои инвеститори во врска со глобалните активности на банката за финансирање на фосилните горива или други сектори како производителите на пиштоли. Банката, исто така, се најде под лупа поради нејзината улога во зголемувањето на економската нееднаквост така што им помага на богатите клиенти, а не на луѓето кои имаат потреба од финансиски услуги за да си ги подобрат животите.