Интерворкс, битолска ИТ компанија која испорачува иновативни решенија за светски бизнис гиганти

- Advertisement -

Интерворкс е компанија основана во 2004 година во Битола со повеќе од 140 вработени која работи аутсорсинг на софтверски услуги и решенија за реномирани клиенти од Европа и Америка. Денес во нејзините канцеларии во Битолa, Прилеп и Скопје, компaнијаta создава нови бизнис модели за лидерите на светските пазари во областа на телекомуникациите, енергетскиот сектор, финансиите, здравството, банкарството, образованието, медицинскиот менаџмент и  други индустриски гранки. Компанијата работи со најновите интеграциски технологии како MuleSoft, SnapLogic, TIBCO, а има големо искуство во областите на AI, Machine Learning, Big Data, Microsoft, PHP, Mobile Development, AWS Cloud, Data Management, Business Support, and DevOps. 

За работата и развојните планови на компанијата разговаравме со Благојче Рајчиноски, Симона Тодороска и Благој Трајковски.

- Advertisement -

Разговараше – Љубица Ангелкова

Главниот фокус на Вашата работа е системска интеграција. Може ли да ни објасните што се подразбира под интеграција во светот на ИТ индустријата?

Благојче Рајчиноски: Интеграцијата во ИТ светот се дефинира како процес на обединување на потсистемите во еден систем кој ќе осигура дека тие функционираат заедно. Системската интеграција подразбира интегрирање на постоечките, често различни системи на таков начин што се фокусира на обезбедување и зголемување на вредноста на клиентот (подобрен квалитет на производот и перформанси, намалување на оперативните трошоци и подобрување на времето за одговор). Во современиот свет важна е улогата на инженерите за системска интеграција бидејки сѐ повеќе и повеќе системи се дизајнирани да се поврзат, како оние системи кои се во процес на изградба така и веќе постоечки системи.

- Advertisement -

Зошто интеграцијата се смета за уникатна форма и кои можности ги нуди?

Симона Тодороска: Сите ние кои денес се занимаваме со интеграција, сме почнале со развој на апликации. И да, многу е поинаку кога почнуваш да работиш со интеграција и ги гледаш системите од една поинаква страна. Можноста да направиш да комуницираат два или повеќе системи кои се целосно различни и разменуваат податоци меѓу нив за само 5 минути е еден од најголемите бенефити на сите овие интеграциски алатки. Освен брзиот развој, намалените трошоци за одржување и поддршка, повторното искористување на постоечките процеси кај повеќе клиенти, брзото поставување на околината, можноста за процесирање на огромен број на податоци се само дел од многуте бенефити поради кои клиентите одлучуваат интеграцијата да биде една од главните столбови на нивните системи. За нас, секој проект е нов предизвик и можност да научиме нешто ново и всушност тоа е она што најмногу нѐ движи напред во нови успеси и совладување на сѐ поголеми препреки.

- Advertisement -

Интерворкс е единствена компанија во Македонија која работи со неколку интеграциски алатки. Како дојдовте до идеја главно да се посветите на интеграцијата?

Благој Трајковски: Како што напоменавме, интеграцијата опфаќа значаен дел од ИТ светот и може да се препознае во повеќе сегменти. InterWorks го препозна овoј потенцијал уште од самите почетоци и направи храбар чекор напред кон формирање на компанија која полека но сигурно станува клучен играч во Европа и светот. Започнавме со мали чекори, меѓутоа времето а секако и амбицијата, покажа дека постои потенцијал за растење и проширување на спектарот на интеграциски алатки. Довербата која ја стекнавме кај нашите клиенти ни помогна да соработуваме со нив на едно поинакво ниво, и заедно со нив да ги проучуваме нивните проблеми, да се подобруваме, а воедно и да се прошируваме во нови сегменти и можности.

Горди сме на нашите успеси, нашата уникатност и на фактот што сме препознатлив бренд во светот на интеграцијата, и нормално дека не застануваме тука бидејќи ние сеуште сметаме дека сме на самиот почеток!

Благој Трајковски

Кои се трите интеграциски алатки и дали се создавани по нарачка или се иновација на самата компанија?

Благојче Рајчиноски: Трите интеграциски платформи кои се користат во нашата компанија се MuleSoft, SnapLogic и Tibco. Ова се комплетно независни платформи развиени од трети компании, додека InterWorks ги користи само како алатка за интеграција на системите на нашите клиенти од различни индустрии во зависност од нивните потреби.

Кои се Вашите клиенти? И зошто големите компании не сакаат да бидат споменувани како референтни клиенти?

Благој Трајковски: Во текот на постоењето на InterWorks сме соработувале со прилично многу клиенти од повеќе континенти и тоа клиенти со звучни имиња кои би ги препознале луѓе на било која возраст надвор од ИТ индустријата.

Исто така InterWorks активно работи на зачувување на осетливите информации кога станува збор за наши клиенти. Покрај тоа што нашата компанија е ISO 27001:2013 сертифицирана, и сме многу горди на тоа, со текот на времето развивме култура во однос на неоткривање референци и споменување на нашите клиенти. Со тоа им помагаме на клиентите во заштита од безбедносен аспект како што е social engineering или напад на нивните системи, што во време на дигитализација на секој аспект од животот е многу важно. 

Другиот дел е конкуренцијата на пазарот. Во овој сегмент им овозможуваме секогаш да бидат чекор пред останатите во квалитет, доследност и доверливост.

Партнери сте со SnapLogic, една од најпознатите светски платформи за системска интеграција. Како дојде до таа соработка?

Уште пред 15 години, кога InterWorks започна со работа, интеграцијата беше главен двигател во компанијата. Тогаш, на самите почетоци, Tibco беше главната интеграциска технологија. Но, бидејќи ние сме компанија која следи светски трендови и сметаме дека како лидери во интеграцискиот развој треба да сме во тек и да имаме знаење од сите водечки технологии за интеграција. Со истражување, дојдовме до SnapLogic и MuleSoft за кои сметаме дека се лидери во оваа сфера. Истражувавме квалитетно и со целото претходно искуство ефективно ја совладавме SnapLogic платформата, со што имавме можност да бидеме едни од првите девелопери во светот кои добро ја познаваат оваа алатка од самиот почеток. Експертизата која ја покажавме пред SnapLogic како компанија ни ги отвори вратите за партнерство со кое и денес се гордееме и е едно од нашите најзначајни партнерства.

Што ве прави поразлични од другите?

Има неколку работи на кои сме особено горди и не издвојуваат од останатите компании. InterWorks опстојува на македонскиот пазар повеќе од 15 години, позиционирајќи се во Пелагонискиот регион. Создадена од Македонци, со комплетно македонски капитал. Почетоците на приказната водат од една мала просторија и неколку ентузијасти кои имаа една идеја – да програмираат за Америка. Можеби тогаш во тој период ова изгледаше како луда идеја, но сега не е ништо ново.

Следна работа по која се издвојуваме е тоа што освен работата, големо внимание се посветува и на личниот и професионален развој на нашите вработени. Компаниската култура и вредностите на кои почива таа, исто така, се нешто во кое вложуваме постојано. Отвореноста, достапноста на менаџментот, постојаната комуникација и тимска работа, како и пружањето на помош и поддршка на секој колега без притоа да очекуваме нешто за возврат се едни од нашите најсилни страни. 

И како што веќе споменавме, ние сме единствен партнер на SnapLogic на Балканот, со што многу се гордееме.

Интерворкс не е само ИТ компанија, таа е и своевиден едукативен центар. Зошто се впуштивте во води да едуцирате кадар?

– Компанијата постојано расте, имаме голем број на нови проекти како и нови клиенти, а самото тоа значи зголемена потреба за нови вработувања. Можеме да речеме дека во моментот во Македонија има голем број на ИТ професионалци, но исто има и недостиг од истите. Тоа беше причина плус да го отвориме нашиот Интерворкс Едукативен Центар кој по својата програма и начин на работа е единствен во регионот, а и пошироко. Дел од нашата работа се и иновациите, па така, Едукативниот центар нуди малку поинаква, поквалитетна и посеопфатна програма која е резултат на истражувањата и искуствата на нашите професионалци. Првично, главната причина зошто се впуштивме во тоа да едуцираме кадар е овозможување на секој студент да го надополни своето академско знаење, со што ќе се стекне со поголема конкурентност на пазарот на трудот и полесно вработување, а од друга страна да едуцираме кадар кој ќе може да се вработи во нашата компанија по завршување на курсот – се разбира доколку го поминат курсот со солидни резултати. 

Како успеавте да ги мотивирате вработените да целат кон тимски успех?

– За една компанија да биде успешна потребно е нејзините вработени да чувствуваат припадност кон таа компанија, да ја гледаат како свој втор дом. Воедно тоа е и нашата визија да креираме една култура на фамилија каде сите ќе можат слободно да го искажуваат своето мислење, да си помагаат, да се предизвикуваат и да напредуваат, како на професионално, така и на приватно поле. Сето тоа, како и нашето постојано вложување во надградба, баланс помеѓу работата и приватниот живот придонесува кон тоа вработените сами да се мотивираат и да целат кон тимски успех, затоа што знаат дека само со тимска работа може да се постигне успех и може да се напредува. Сите ние го следиме правилото: TEAM – Together Everyone Achieves More! 

Кои се предностите на аутсорсингот како бизнис концепт?

– Аутсорсингот како бизнис концепт датира од ’70 тите и ’80 тите години и претставува користење на надворешни извори за извршување на одредени услуги во компанијата. Според Википедија аутсорсингот е бизнис модел, но тој за нас е повеќе од тоа. Аутсорсингот за нас вклучува почит, разбирање, одговорност и доверба меѓу клиентот и нас. Некои од предностите кои ние би ги издвоиле за аутсорсингот се: намалување на трошоците, одредени задачи и активности се извршуваат многу поефикасно и поефективно во споредба со извршувањето на истите во самата компанија, a нешто што е особено важно во ИТ индустријата е тоа што аутсорсингот овозможува побрз влез на одреден пазар споредено со конкуренцијата, и главно пристап до врвни професионалци – поради тоа што пазарот на ИТ професионалци е исцрпен, аусторсингот овозможува пристап до врвни професионалци и флексибилност што претставува една голема придобивка за сите компании кои го користат овој модел.

Сподели!
- Advertisement -