1.1 C
Skopje
среда, април 1, 2020

ФИТР го објави третиот јавен повик „Предизвик за млади истражувачи“

Kabtel desktop

Фонд за иновации и технолошки развој по трет пат објавува јавен повик  “Предизвик за млади истражувачи“ чија цел е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.

Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, а истражувачките проекти на кои треба да работат деца во тимови од три до седум ученици предводени од ментори, треба да се од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се заснова на „научен метод“,односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да дадат видливи резултати.

Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини.

Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 6.000.000 (шест милиони) денари. Буџетот на поединечен предлог проект е до 300.000 (триста илјади) денари, односно дополнителни 30.000 денари за  ментори, наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

„Предизвик за млади истражувачи“ се објавува по трет пат. Искуството од минатите две години ни кажува дека успеавме да ги мотивираме учениците да работат на научно- истражувачки проекти. Ова претствува и интелектуален стимул за учениците и шанса да се стекнат и развијат меки вештини, како тимска работа, споделување и делење информации и јавно говорење. До сега имаме поддржано 54 училишта кои работат на вакви проекти а во кој се вклучени околу 500 ученици и професори. Само минатата година имавме стотина пријавени училишта, но оваа година очекуваме таа бројка да се зголеми,“ изјави Николина Стојанова од секторот за спроведување програми на ФИТР.

На настанот своите проекти ги презентираа добитните проекти  на основното училиште „Манчу Матак“ од Кривогаштани – „Со природни ресурси до еколошки здрава животна средина“, како и на средното приватно училиште САБА од Скопје – „Систем за детекција на гасовите во воздухот во работни простории“. Учениците кои ги изработија овие  проекти пред ученици од скопските гимназии „Никола Карев“ и  „Орце Николов“, како и основното училиште „Гоце Делчев“ говореа за нивната мотивација и го споделија нивното искуство од реализацијата на проектот и што тоа значи за нивното училиште.

„Со овој проект покажавме дека науката може да се примени за да се надминат проблеми со кои се соочуваме во нашето секојдневие. Сите наши соученици сега внимаваат повеќе кога станува збор за животната средина, и сфативме дека ако заеднички работиме на истражувачки проекти, можеме да направиме голема промена таму кај што живееме,“ сподели ученичка од училиштето „Манчу Матак“.

Инаку „Предизвик за млади истражувачи“ е јавен повик кој Фондот го спроведува во соработка со Министерство за образование и наука и е дел од концептот кој го развива ФИТР – „Фонд за млади умови“. Оваа национална сеопфатна рамка за поддршка предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата.

Предлог проектите што ќе пристигнат во рамки на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ ќе се оценуваат според квалитетот на проектот, применливост на резултатите од истражувањето, усогласеност на предлог-проектот со целите на јавниот повик и капацитет на проектниот тим.

Јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ кој ФИТР го објави денес ќе трае до 16.03.2020 година. Условите за аплицирање и критериумите за подобност на предлог проектите и сите дополнителни информации се на www.fitr.mk/predizvikzamladi3.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •