Rolls-Royce ги најави своите планови да изгради, да инсталира и да управува со 15 мини нуклеарни реактори во Велика Британија, а првиот треба да почне да функционира до крајот на оваа деценија. Компанијата предводи конзорциум за производство на модуларни реактори кои ќе може да се пренесуваат на делови со обични товарни бродови.
Моментално во светот се случува вистински бум на нуклеарната енергија. Според Светската нуклеарна асоцијација, во светот има 448 функционални реактори и 53 во изградба. Сепак, речиси сите се наоѓаат во Источна Европа и во Азија, а само Кина има повеќе реактори отколку целиот западен свет.
Делумно причината за тоа е политичка поради опозицијата на зелените партии во Европа и Северна Америка. Сепак, една технологија која може да го смени тоа е изградбата на модуларни реактори кои се склопуваат на лице место и произведуваат евтина енергија со нула карбонски отпечаток.
Од Rolls-Royce веруваат дека конзорциумот може да ја рестартира нуклеарната индустрија во Велика Британија со изградбата на 15 мини реактори, кои ќе додадат вредност од околу 70 милијарди долари на британската економија, 327 милијарди долари на извозот и да создадат 40.000 нови работни места до 2050 година.
Секој реактор треба да има животен век од 60 години и да генерира 440 MW електрицитет, односно доволно за да се напојува цел град со големина на Лидс.