Шеснаесет држави од Европската Унија го поддржаа предлогот на Словенија и Португалија, за воведување појасен систем со кој ќе се означува географското потекло на медот.
Овие две земји предложија измени на Директивата за означување на медот кој се пласира на пазарот, со цел купувачите да бидат подобро информирани за тоа што купуваат. Тоа првенствено се однесува на мешавините од мед со потекло од различни држави, кои веќе ги имаат преплавено европските продавници, а купувачите воопшто не се свесни за тоа. Европската Комисија соопштува дека ќе ги преиспита сите ознаки и ќе направи ревизија на постоечките правила во означувањето на медот.
Повод за измени во Директивата е огромниот пораст на увозот на евтин мед од Кина. Според податоците на „Евростат“, од оваа земја во 2018 година биле увезени 80.000 тони мед, што е 39% од вкупниот увоз од државите вон ЕУ. Но, чести се и случаите кога се меша мед од различно потекло. Станува збор за производ со минимален квалитет, па се случувало во една тегла да биде измешан мед од дури 10 различни држави.
Неодамна е објавено дека за решавање на растечките проблеми во пчеларството, Европската Унија во периоот од 2020 до 2023 година ќе издвои 240 милиони евра, што е за 11% повеќе во споредба со претходниот тригодишен период. Секоја држава членка, има задача да изработи своја национална програма, поддржана од ЕУ, а од заедничкиот буџет ќе добијат 50% од потребните средства за реализација на програмата.
(instore.mk)