Регулаторната комисија за енергетика ги соопшти новите малопродажни цени на горивата, кои ќе важат до идниот понеделник. Според одлуката, од ноќеска на полноќ малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 0,84%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ од полноќ се зголемуваат за 0,50 денари. Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ ќе изнесува 58,00 денари за литар, додека бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продаваат по 66,00, односно 68,00 денари за литар.
И малопродажната цена на литар екстралесно масло за домаќинство ќе се зголеми за 0,50 денари и неделава ќе чини 46,50 денари. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,246 ден и ќе изнесува 33,140 денари за килограм.