Да не се патува воопшто во Северна Италија заради сериозноста со коронавирусот и да се избегнуваат патувања и во останатите делови на таа држава, а при влез на граничните премини да се кажуваат точни податоци. Лицата кои се вратиле од странство ако се развијат симптоми да не одат на матичен лекар туку да се обратат кај епидемиолозите, а сите да ги почитуваат препораките за одржување лична хигиена.
Покрај овие последни препораки од домашните институции, од Министерството за здравство денеска ќе информираат за евентуални нови мерки за превенција и заштита од натамошно ширење на коронавирусот по состанокот што треба да го одржи Комисијата за заразни болести и Комитетот за следење и информирање за состојбата со Ковид 19, а согласно новата состојба и мерките што ги презеде италијанската Влада со оглед на сериозноста со ширењето на заразата.
Со вкупен број заразени лица кој се зголеми на 7.375, Италија стана втора земја во светот по бројот на починати и заразени од вирусот. Вкупно починаа 366 лица.
Со оглед на таквата состојба, Министерството за надворешни работи синоќа упати препорака да не се патува во регионите и провинциите: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција. На нашите граѓани кои веќе се во Италија, МНР им препорача зголемени мерки на претпазливост во секое време, да ги следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти.
Генералниот конзулат на нашата држава во Венеција во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации, а го одложи фотографирање на нашите граѓани за нови патни исправи.
Поради затворањето на северниот дел на Италија и со цел да се спречи ширењето на коронавирусот авиокомпанијата Визер од вчера ги суспендираше летовите од Скопје и Охрид за Милано, Тревизо и Бергамо. Тие рути нема да ги опслужува до 3 април. Патниците кои направиле резервација во овој период ќе бидат автоматски известени и ќе бидат сместени на алтернативни рути во најрано можно време.