Корона вирусот прво и најсилно ги погоди индустриите за туризам, патување и сместување, а денес речиси нема индустрија која не е засегната и загрозена од моменталната ситуација. Еден од големите губитници во новонастанатата ситуација е Airbnb, компанијата која се подготвуваше да излезе на берза и пред ширењето на епидемијата имаше неочекувана загуба. Со ширењето на вирусот почнаа бројни откажувања на резервации, додека бројот на нови резервации е значително опаднат.
И додека најголем дел од сместувачките капацитети кои се нудат на Airbnb се празни, еден вид на сместување во последно време е се повеќе баран и има пораст на бројот на резервации. Станува збор за сметувачки капацитети во руралните делови од САД, односно куќи и викендички оддалечени од големите градови, каде што луѓето се чувствуваат побезбедни.
Со оглед на тоа дека во градовите како Њујорк се очекува голем пораст на бројот на заразени, а дури се споменува и можност за целосен карантин, дел од луѓето кои имаат можност резервираат сместување и делови од земјата оддалечени по неколку часови возење од местото каде што живеат и таму планираат да ги поминат наредните неколку недели.
Исто така, дел од луѓето резервираат сместување и во своите родни градови за да избегаат од големите метрополи и да бидат блиску до родителите. Но, во таков случај проблематично е што со доаѓањето на повеќе луѓе во мали места поголема е веројатноста да стигне и вирусот и да се рашири меѓу населението, а таквите места немаат прилагодена здравствена заштита за голем број луѓе.