Стопанска Комора: Не е решен застојот во транспортот со Турција

- Advertisement -

Сé уште не решен проблемот со задржувањето на македонските камиони на турските граници и застојот на транспортот во Турција, а се прават напори и за обезбедување суровини од регионот за потребите на домашните производствени компании, соопшти денеска Стопанската комора на Македонија.

– Ова се тешки времиња во кои не е лесно да се обезбеди достапноста на важни производи, суровини и репроматеријали. Затоа, проодноста на транспортните коридори, брзиот и непречен проток на стоките е еден од врвните приоритети. За да помогне во таа насока, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески е во континуирана комуникација со колегите од сите стопански комори од регионот. Комуникацијата се одвива преку мрежата на Коморскиот инвестициски форум и мрежата на Асоцијацијата на европски комори за комерција и индустрија, рече во денешното видео-обраќање главниот советник за економски прашања на Управниот одбор на Комората, Зоран Јовановски.

- Advertisement -

Според него, целта е да се обезбеди непречено снабдување на македонските компании со суровини и репроматеријали, особено за производите кои се неопходни за задоволување на основните животни потреби на населението и производите кои се поврзани со справување и спречување на ширењето на коронавирусот.

– Пример е проблемот со снабдувањето со меласа, која е основна суровина за производствените процеси, конкретно, за потребите на Фабриката за квасец и алкохол од Битола. Снабдувањето е попречено поради воведените мерки во Србија и Хрватска за забрана за извоз на определени производи заради обезбедување првенствено на потребите на нивниот домашен пазар, истакна Јовановски.

- Advertisement -

Решавањето, пак, на проблемот со транспортот во Турција, додаде, не оди лесно и брзо и бара упорност. Во тој контекст, Азески ја продолжил комуникацијата со претседателот на Унијата на турските комори и стоковни берзи, Рифат Хисарчиклиоглу.

– Како резултат на тоа, претставници на Унијата на турските комори и стоковни берзи се во континуирана комуникација со турското Министерство за трговија со цел надминување на проблемот, нагласи Јовановски.

Сподели!
- Advertisement -