Детектор: Онлајн наставата е најприфатливо решение за надополнување на пропуштеното образование

- Advertisement -

Онлајн наставата е најприфатливо решение за надополнување на пропуштеното од учебната година поради корона вирусот, смета мнозинството граѓани во најновата анкета коja по нарачка на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 36,1% сметаат дека пропуштената настава треба да се надополни преку онлајн предавања, 28% сметаат дека треба да се продолжи школската година додека 8,7% сметаат дека најдобро решение е наставата да се надополни со одработување на саботите.

Етничката диференцијација на граѓаните кои одговарале на прашањата покажува дека етничките Македонци и нивните сограѓани Албанци имаат различен став кога станува збор за начинот на кој што би требало да се сработи она што се пропушта во оваа учебна година поради вирусот.

Додека Македонците во мнозинство сметаат дека најдобро решение е онлајн наставата, етничките Албанци сметаат дека треба да се продолжи наставата.
Па така, 39,9% од етничките Македонци се за онлајн настава, 25,4% за продолжување на учебната година додека 7,7% за одработување на саботите. Кај етничките Албанци најголемиот дел или 34,5% сметаат дека најдобро решение за надополнување на пропуштеното образование поради корона вирусот е да се продолжи учебната година. 24,6% се определиле за онлајн настава а 12,3%
за одработување на саботите. Граѓаните од останатите етнички заедници исто така во мнозинство се за продолжување на учебната година. Ваков став делат 37% од анкетираните граѓани од другите етнички заедници. 32,6% се за онлајн настава а 6,5% за одработување на пропуштената настава во саботите.

Кога станува збор за онлајн наставата, 82,1% од граѓаните кои имаат деца на училишна возраст велат дека имаат соодветни средства за на овој начин да го следат образовниот процес, додека 10% велат дека немаат.
Во Скопје, 92,1% од граѓаните велат дека се соодветно опремени за следење на онлајн настава.

Процентот е висок и во селата. 83,2% од анкетираните кои живеат на село велат дека имаат средства за следење на онлајн настава. Слична е ситуацијата и со граѓаните кои живеат во помалите градови. 81,3% од нив велат дека ги имаат сите средства за следење на онлајн настава.

Во големите градови, 74,9% од граѓаните велат дека имаат средства за следење на наставата онлајн.
Над половина од граѓаните сметаат дека училиштата во нивните општини имаат соодветни мерки за да ја надополнат пропуштената настава. Ваков став делат 52% од анкетираните додека 16,6% сметаат дека општините не преземаат соодветни мерки за надополнување на пропуштеното образование.
Според анкетата на Детектор, најлоша е состојбата во југоистчниот регион. Таму само 38% од граѓаните велат дека општините преземаат соодветни мерки. Слично е и во полошкиот регион каде 39,8% од граѓаните одговориле дека училиштата преземаат соодветни мерки за надополнување на пропуштената настава.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници во периодот од 18 до 21 март оваа година со маргина на грешка од плус-минус 3%.

Сподели!
- Advertisement -