Премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн, изјави дека во текот на наредните шест месеци таа и нејзините министри ќе примаат 20% пониска плата за да покажат солидарност со оние кои се најпогодени од корона вирусот. Арден изјави дека е битно најплатените политичари да покажат лидерство и солидарност со работниците кои се на првата линија на фронтот и со оние кои останале без работа. На нејзината иницијатива се приклучи и лидерот на опозицијата.
„Ако некогаш е вистинско време за да се затвори јазот меѓу луѓето на Нов Зеланд кои се на различни позиции во општеството, тогаш тоа е сега. Одговорна сум за извршната власт и овде можеме да преземеме мерки. Станува збор за искажување солидарност кога е најпотребна“ изјави премиерката.
Нов Зеланд е во целосен карантин веќе три недели, што значи дека никому не му е дозволено да го напушта својот дом освен за набавка на продукти или поради кратка прошетка на свеж воздух.
Во земјата има повеќе од 1.300 заразени со корона вирусот, а имаат и 9 смртни случаи. Вкупно 1,5 милиони луѓе побараа субвенции од владата, кои би им помогнале да го решат привременото губење на приходите. Меѓународниот монетарен фонд предвидува пад на економијата на Нов Зеланд од 7,2%.