Македонска компанија специјализирана за медицински и научни 3Д визуелизации Helix Animation се вклучи во глобалната информативна битка против Ковид 19!
Од развој на концепт до финален видео производ – македонска општествено одговорна компанија од сопствени средства направи стилизиран приказ на најчестите начини на пренесување на КОВИД-19 , како и артистички приказ на новиот коронавирус и неговите најзначајни карактеристики и протеини.
Helix Animation е компанија со канцаларии во Битола и Скопје, која е специјализирана за високо квалитетни и прецизни медицински и научни 3Д визуелизации, чии клиенти се едни од најпрестижните фармацевтски компании, производители на софистицирани медицински уреди и реномирани научни институции и мрежи ширум светот.
За овој проект разговараше Љубица Ангелкова со Александар Ташоски, ко-основач и советник и Андреа Тевдовски, директор за маркетинг и деловен развој
Неодамна објавивте глобално информативно видео за начините за пренесување на коронавирусот. Што ве поттикна за реализација на ваков иновативен проект?
Александар: Идејата произлезе при неформална дискусија со тимот околу новонастаната ситуација. Главен мотив кај сите беше чувството на одговорност кон локалната и глобалната заедница. Преку она што најдобро го знаеме да дадеме барем мал придонес во глобалната битка со пандемијата. Имајќи ја предвид трката со времето и дека што порано го објавиме видеото, толку би било покорисно, одлучивме фокусот да го ставиме на трансмисијата на коронавирусот и неговите главни специфики. Притоа, примарна цел ни беше, пред широката јавност да ги прикажеме начините на пренос на вирусот и следствено заштита од истиот на точен, јасен и впечатлив начин.
Како досега е прифатено видеото?
Андреа: Видеото беше објавено на сите наши канали минатата недела, и веќе има десетици илјади прегледи. Во исто време, како дел од идејата, овозможивме негово бесплатно преземање за информативни цели, и истото веќе е многукратко реобјавено. Како можеби најзначајни, би ги издвоил, реобјавувањето од страна на Nucleus Medical Media, глобален лидер во медицинско информирање, чијшто Youtube канал има преку 2,5 милиони корисници и 18 милиони уникатни месечни посети, каде што нашето видео, за неполна недела, има речиси 500.000 прегледи.
Не помалку значајно, е реобјавувањето од едно од најпрестижните списанија во индустријата со 60 годишна традиција MM&M (Medical Marketing Media), кое што на некој начин ги доделува и годишните оскари во делот на комуникација и кампањи во фармацевската и здравствената сфера. Најголемата мрежа на медицински илустратори и аниматори, Medical Illustration & Animation, посвети посебен блог пост, каде и директно го сподели видеото достапно на нашиот youtube канал.
Како се справувате со предизвиците предизвикани од пандемијата, и како изгледа моменталната работа во Helix Animation?
Александар: Како дел од нашата одговорност кон нашите вработени и пошироката заедница, ние како менаџмент, уште при појавата на првите случаи во Македонија, ги презедовме сите технички и организациски прилагодувања и воведовме работа од дома за целиот наш тим. Од друга страна, еднакво важен беше, и сеуште е, пристапот на сите членови на тимот, кои со креативни предлози и лични прилагодување дадоа максимален придонес кон целта за заштита на сите нас и пошироката заедницата, додека во истовреме се овозможи целосно реализирање на потребите и обврските кон нашите клиенти.
Како и сите други тековни проекти, и видеото за КОВИД 19 успешно го реализиравме во вакви услови, во рекордно време од три недели.
Helix Animation интензивно се пробива на светскиот пазар на медицински и научни 3Д анимации. Додека 3Д индустријата е главно фокусирана на анимирани филмови и видео игри, од каде произлезе идејата токму за ваков фокус?
Александар: Нашата компанија успешно продуцира 3Д анимации и визуелизации за глобалниот пазар повеќе од 12 години и во моментот брои тим од 15-тина искусни комуникациски и 3Д ентузијасти. Во 2017, преку лансирање на брендот Helix Animation, се фокусиравме исклучиво на овој брзорастечки и иновативен пазарен сегмент. Компаниите од областа на медицината, фармацијата и научните институции се повеќе ја препознаваат вредноста и практичната примена од различните типови на визуелизации. Така, нашите услуги ги користат за што поедноставно визуелно информирање на генералната јавност и во маркетинг цели.
Но исто така, главната примена е во објаснување на најнови достигнување пред соодветната стручна и инвестициска јавност, каде што, преку научно издржан и особено интересен приказ, им помагаме да го обезбедат неопходното одобрение и/или финансиски средства за да се продолжи со развој и финално имплементирање на дадениот продукт или процедура во глобалниот здравствен систем. Во овој контекст, важно е да се истакне дека 3Д анимациите имаат особено незаменлива улога во прикажување на микро процеси на клеточно, субклеточно и молекуларно ниво, каде не постои можност за снимање со камера, а електронските микроскопи даваат приказ разбирлив исклучиво за многу лимитирана група експерти во дадената област.
На кои најиновативни проекти сте работели, и сте особено горди?
Андреа: Нашиот тим е постојано во директен допир со најновите прототипи и технологии кои се истражуваат или веќе се во развојна, или во фаза на клиничко тестирање. Практично секој проект на кој работиме е поврзан со визуелизација на одредена иновативна технологија, третман или процедура во дадената медицинска или научна област. На пример, само изминатава година, работевме на неколку проекти поврзани со најсофистицирани третмани за различни типови на рак кои се во фаза на истражување и развој, како на пример супер прецизен и моќен ехо томаграф за интервентен ултразвук кој отстранува туморно ткиво неинвазивно, односно преку ултразвучна сонда без никаква хируршка интервенција. Понатаму, во делот на минимално инвазивни процедури, работиме на визуелизација на иновативни кардиолошки и други импланти и најсофистицирани процедури на стентирање, чија што примена заменува опсежни хируршки интервенции. Особено интерес е серијалот за DaVinci роботот за далечинско извршување на различни минимално инвазивни хируршки процедури.
Можеби најинспиративен беше проектот за визуелизација на третман за рак со нанороботи, за кои генералната светска јавност во голема мера сеуште смета дека се во доменот на научната фантастика. Главна предност на овој иновативен производ во споредба со стандардната системска цитостатска терапија е тоа што се смета дека овозможува до 10 пати повеќе лек да пристигне во самиот тумор, додека во истовреме дури за 800 пати ја намалува штетноста врз останатите делови на телото. Најзначајно е дека сите овие проекти се изработуваат целосно кај нас од македонски тим на маркетери, концепт и 3Д артисти. Од истражување и развој на концептот заедно со клиентот, до целосна 3Д продукција и подготовка на финално видео.
Звучи доста интересно како домен на работа, што сметате дека ве издвојува во рамките на 3Д индустријата?
Андреа: Helix Animation е единствена во регионот и една од ретките компании во источна Европа, која е специјазирана во овој подсегмент на 3Д индустријата кој е исклучитено тежок за влез заради вештините и реномето кое се бара. Така што, фокусирањето на еден сегмент од 3Д индустријата, и специфичните знаења се исклучително важни за глобален успех. Она што дополнително не издвојува од домашната и регионалната 3Д продукција, е фактот што не сме вклучени во класичен аутсорсинг со големи студија, туку изработување комплетни видео продукциски решенија за нашите престижни глобални клиенти – од развој на концептот до финалниот производ, што е исклучително тешко да се освои како доверба и позиција, во 3Д и пошироката ИТ индустрија.
Се чини дека денес светот, во услови на пандемија, дава ново значење на научните истражувања и меѓународните проекти во областа на медицината. Дали ова носи големи промени на пазарот од периодот пред една декада, кога вие започнавте да работите во областа на 3Д визуелизации?
Александар: Глобализацијата носи многу можности и предизвици, а глобализираните центри со кои ние работиме се одамна свесни и за предизвиците пред сите нас. Сепак, оваа нова димензија на проблемот очекуваме да даде приоритет на одредени области и проекти. Горди сме што како македонска фирма ќе можеме да се вклучиме во овој нов засилен глобален натпревар не само со нашата хуманост и ентузијазам, но и со стекнатото искуство и меѓународните партнерства од изминатата деценија