Интензивните контакти што секојдневно се одвиваат на релација компании – Стопанска комора на Македонија, многу отворено зборуваат дека се наоѓаме пред портите на големите проблеми кои ни претстојат.
Прашањето за ликвидноста прво ќе затропа веќе кон средината на наредниот месец – вакви информации пристигнуваат секојдневно во Комората. Од нас се бара енергична реакција во правец на реално информирање на Владата за моменталната состојба и очекуваме адекватен одговор за поддршка на компаниите во однос на така констатираните проблеми.
Речиси е сигурно дека почетокот на месец јуни ќе го дочекаме во проблеми со извозот, бидејќи овој месец нарачките се сведени на минимум, што значи дека третиот квартал може да биде катастрофално лош. Според наши сознанија, на почетокот на јуни ќе има проблеми металопреработувачката индустрија, а од јули и останатите гранки. Се најавуваат и проблеми при увозот, со оглед на актуелната ситуација и кај добавувачите.
Податоци од анкетата што ја спроведе Стопанската комора на Македонија
На база на овие информации, раководството на Стопанската комора на Македонија реши во текот на оваа недела да направи пресек на состојбата меѓу нашите членки и на база на тој пресек до Владата ќе го изнесеме ставот како ние гледаме на помошта што треба приватниот сектор да ја добие од државата.
Од Владата очекуваме на едноставен и прецизен начин да изнесе со колку средства, во кои рокови и кои дејности ќе бидат поддржани. Исто така, јавно ќе соопштиме дека сме подготвени после завршувањето на кризата да партиципираме во враќање на средствата назад во државниот буџет.
Ние успеавме јавно да ги наметнеме сите прашања кои ја мачат македонската економија, сите прашања кои долго време беа запоставувани, сите прашања кои можат да го најдат патот кон остварување на клучните цели – владеење на правото, елиминирање на корупцијата, целосна рационализација на сите субјекти во државата. Понатаму, ќе се сконцентрираме на главните барања за итна финансиска поддршка без големи администрирања и комплицирања, насочена спрема оние дејности и гранки коишто можат да ја рестартираат економијата после завршувањето на здравствената криза.
П.С. Дека не е се` црно во време на криза секојдневно покажуваат нашите стопанственици – оваа недела „МИК“ – Свети Николе ќе го одбележи заокружувањето на инвестицискиот циклус во вредност од 1 милион евра, со поставувањето на фотоволтаична централа која ќе придонесе за подобрување на енергетската ефикасност и намалување на јаглеродниот ефект, како и за добивање на европски извознички број, кој на компанијата и` дава нови можности и перспективи во идното работење, а за тоа што им изразувам јавна пофалба. Дополнително, како претседател на Комората, изразувам јавна благодарност до Управата за јавни приходи и јавна пофалба за нашата стручна служба, кои неделава ќе организираат бесплатна „онлајн“-обука, на која за компаниите на практичен начин ќе се презентираат усвоените мерки за помош на стопанството за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот Ковид-19.
Koлумна на Бранко Азески, претседател на Стопанската Комора на Македонија